Skip to main content

Романските либерали одбија да ја поддржат владата на мандатарот Еуген Томак

romanija eu - michelbossart from Pixabay
romanija eu - michelbossart from Pixabay

Романската Национално-либерална партија (НЛП) одлучи да не го поддржи изборот на владата предложена од мандатарот за премиер Еуген Томак, соопшти лидерот на партијата и вршител на должноста премиер Илие Боложан, пренесе Аџерпрес.

По анализа на политичкиот контекст, НЛП донесе одлука да не го поддржи изборот на оваа влада. Поради тоа, нашите пратенички групи нема да учествуваат во гласањето. Зошто ја донесовме оваа одлука? Пред сè затоа што влада без јасна политичка поддршка во парламентот нема капацитет да ги спроведе реформите што ѝ се потребни на Романија и затоа не претставува решение во овој момент – изјави Боложан по седницата на партиското раководство.

Тој оцени дека „влада без политичка поддршка може само да се надева на опстанок“ и дека би била послаба дури и од малцинска влада.

Според него, таквата влада тешко би ги спровела неопходните мерки за ограничување на прекумерниот буџетски дефицит бидејќи нема да располага со потребната парламентарна поддршка.

Боложан предупреди дека во такви услови би можеле да се појават законски предлози што не се усогласени со владината политика и дополнително би го оптовариле државниот буџет.

Неговата коалициска влада беше соборена на 5 мај со гласање недоверба иницирано од Социјалдемократската партија (СДП) – дотогашен коалициски партнер – и опозициската Алијанса за обединување на Романците (АУР).

До кризата дојде откако социјалдемократите ја напуштија коалицијата по несогласувањата со Боложан околу мерките за штедење насочени кон намалување на буџетскиот дефицит.

Според лидерот на НЛП, актуелниот предлог за влада претставува „параван-формула“ со која СДП се ослободува од одговорноста за политичката криза.

По гласањето недоверба, ниту лидерот на СДП, Сорин Гриндеану, побара мандат за состав на влада, ниту партијата понуди решение за кризата што самата ја создаде. Оваа формула само ја ослободува од одговорност за тешката ситуација во која се најдовме – рече Боложан.

Социјалдемократската партија возврати со соопштение објавено на Фејсбук, во кое наведе дека е време НЛП да премине во опозиција по седум години на власт „без да добие ниту едни избори“.

Може и без НЛП. По седум години на власт без изборни победи, време е да преминат во опозиција заедно со АУР“, порачаа социјалдемократите.

Минатиот четврток романскиот претседател Никушор Дан го номинира европратеникот и поранешен почесен претседателски советник Еуген Томак за премиер како независен кандидат, откако речиси едномесечните преговори меѓу парламентарните партии не резултираа со формирање нова коалиција.

По гласањето недоверба, НЛП и Сојузот за спас на Романија (ССР), две партии од дотогашната владејачка коалиција, соопштија дека повеќе нема да соработуваат со СДП, која е најголема парламентарна сила и има клучна улога во формирањето мнозинство.

Томак треба до крајот на неделава да го достави списокот на министри и владината програма до парламентот. На почетокот на следната недела тие треба да бидат ставени на гласање во рамки на уставниот рок од десет дена.

За неговиот кабинет да биде избран, потребно е да обезбеди мнозинство од најмалку 233 гласа во 465-члениот дводомен парламент. 

Поврзани вести