Skip to main content

Двајца загинати во пожар во туристичка зграда на Мајорка

foto 24sata.hr (Илустрација)

Најмалку двајца загинале, а неколкумина се повредени во пожар што избувнал во туристичка станбена зграда во летувалиштето Магалуф на шпанскиот остров Мајорка, соопштија локалните власти.

Пожарот избувнал околу 5 часот по локално време на третиот кат од зградата. Станарите се обиделе да ги изгаснат пламените јазици, но без успех, по што огнот се проширил кон повисоките катови. Пожарот бил локализиран и изгаснат два часа подоцна.

Една од жртвите е 58-годишен аргентински државјанин, додека идентитетот на другата загината личност, жена, сè уште не е утврден, соопшти службата за цивилна заштита.

Четворица од повредените остануваат на болничко лекување.

Околу 20 сопственици на станови во опожарената зграда привремено ќе бидат сместени во хотели.

Магалуф е познат туристички центар по своите плажи и ноќен живот, кој најчесто го посетуваат млади туристи од Велика Британија и Германија. Градот се наоѓа на 22 километри западно од Палма де Мајорка, главниот град на шпанската автономна област Балеарски Острови.

Причината за пожарот засега не е позната.

Поврзани вести