Skip to main content

Љутков: Преку интегрирани методологии со научни знаења, практики и современи технологии до заштита на културното наследство

Дозволете ми на почетокот да го изразам моето големо задоволство што денеска имам можност да ве поздравам и да ви посакам срдечно добредојде во Охрид, градот кој  е не само културно и историско јадро на нашата земја, туку е симбол на трајните вредности врз кои се гради државата, традицијата, континуитетот и достоинството, рече денеска министерот Љутков на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.

Ви благодарам за подготвеноста да придонесете во процесите што ја обликуваат нашата регионална културна политика. Вашето присуство, ја прави оваа средба исклучително важна не само како формална институционална активност, туку  и како вистинска можност за заедничко градење на културната иднина на Југоисточна Европа. Затоа се надевам дека нашите следни домаќини, колегите од Република Молдавија, ќе го одржат високото ниво на партиципација на земјите од Југоисточна Европа, што е клучен предуслов за ефектуирање на нашата заедничка агенда.  

Верувам дека ќе се согласите со мене дека глобалните промени во последната деценија, од климатските ризици до социоекономските нарушувања, јасно покажаа дека културата не може да остане на маргините на  општествениот и цивилизацискиот развој. Со Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид (2014), се поставија темелите на нашата соработка, но денес е очигледно дека формалниот избор на приоритетите мора да се прошири со функционални механизми и со зацврстена меѓусебна доверба. Културните политики се најуспешни тогаш кога се втемелени и на институционална рамка и на човечка интеракција; нивната сила произлегува истовремено од визијата и од луѓето што ја реализираат.

Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс бара внимателно и одговорно управување. Во средините во кои се евидентни климатските промени, деградацијата на просторот и притисокот од масовниот туризам, станува неопходно да се применат интегрирани методологии кои ги поврзуваат научните знаења и практиките и современите технологии. Заштитата на наследството во таа смисла е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации.

Во оваа рамка, дигиталната трансформација не е само инструментализација на нови технологии, туку и создавање дисперзирани, креативни модели во пристапот, видливоста и учеството во културата. Преку дигитализацијата ја прошируваме можноста културата да стане достапна без просторни и социјални ограничувања. Таа истовремено го засилува потенцијалот на културните и креативните индустрии, како значаен сегмент од современите економии.

Во овој контекст особено е значајна улогата на локалните заедници. Тие не се само носители на традицијата, тие се клучни актери кои ја одржуваат културата како жив процес. Кога граѓаните се вклучени во креирањето, интерпретацијата и заштитата на културните практики, се создава стабилна основа за долгорочна одржливост и автентичен развој.

Во оваа смисла нашата заедничка иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 година и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели.

Дозволете ми во овој контекст да ги поздравам нашите меѓународни партнери, УНЕСКО, Европската Унија, Советот на Европа. Нивната стручна и институционална поддршка е показател дека нашиот регион има кредибилитет и потенцијал. Усогласувањето на Декларацијата која денес ќе ја усвоиме со нивните политики не е формалност, туку важен чекор во создавање единствен простор на културни стандарди, развој и меѓусебна координација.

Во духот на оваа соработка, да се потсетиме на зборовите на Нелсон Мандела: „Културата е најсилната форма на отпор, затоа што го чува човечкото достоинство.“ Оваа мисла несомнено нè потсетува дека културата не е само рефлексија на минатото, туку средство преку кое можеме да  ги зајакнеме нашите општества,  да ја надградиме демократијата и да ги зацврстиме мостовите меѓу нашите народи.

Имаме голема одговорност: да создадеме и обликуваме регион,  што ќе биде стабилен, инклузивен и способен да го користи сопствениот културен потенцијал како двигател на развојот. Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион  ќе зборува – со заемна почит, доверба и визија.

Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.

Конференцијата официјално беше отворена денеска со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, а свои обраќања имаа и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.

На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“. Во продолжение ја пренесуваме Декларацијата во целост.

Охридска декларација

Одржливи културни модели за иднината

Ние, министрите за култура и шефовите на делегации, собрани денес, на 12 декември 2025 година во Охрид, во рамките на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа(CoMoCoSEE), под претседателство на Република Македонија;

Осврнувајќи се на содржината, целите, активностите и принципитесодржани и утврдени во Повелбата на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа потпишана на 31 март 2005 година во Копенхаген, Прилогот и Вториот прилог кон Повелбата одобрени на 15 април 2011 година во Букурешт и на 28 јуни 2014 година во Охрид;

Ја потврдуваме нашата посветеност на спроведување на заедничките декларации усвоени во: Мостар (2004), Венеција (2005), Охрид (2006), Варна (2006), Тирана (2006), Софија (2007), Задар (2007), Букурешт (2008), Загреб (2008), Атина (2009), Цетиње (2010), Букурешт (2011), Белград (2012), Брдо при Крањ (2013), Истанбул (2016), Тирана (2017), Сараево (2018), Софија (2019), Риека (2020), Атина (2021), Херцег Нови (2024) и Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа одобрена во Охрид (2014);

И во духот на приоритетите содржани во Декларацијата MONDIACULT 2022,  Завршниот документ од MONDIACULT2025 година и „Пактот за иднината“, особено Акцијата 11 која има цел заштита и унапредување на културата како составен дел од одржливиот развој и да ја постави културата во срцето на глобалното креирање политики,потврдувајќи ја истовремено и меѓусекторската улога на културата во спроведувањето на Агендата 2030 за одржлив развој на Обединетите нации;

Свесни дека културата, во сите свои изразувања, е моќен двигател за културната свест и изразување, инклузија, социјална кохезија, отпорност и мир, и како таква е од суштинско значење за одржливиот развој на нашите општества;

Изразувајќи длабока загриженостза зголемениот број закани врз вредностите на културното наследство и неговото зачувување за идните генерации,за опасностите предизвикани одчовечки фактор, особено намерното уништување и еколошкото деградирање, непланираното урбано ширење и нарушување на интегритетот на споменичните целини и заштитените урбани јадра, како и влијанијата од климатските промени, и препознавајќи ја потребата за негово одржливо управување и користење, ублажување на ризиците, управување со кризи, зголемување на отпорноста на ризици од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човечки фактор, како и за борба со нелегалната трговија со културни добра;

Повторувајќи ја клучната улога на регионалната соработка во сите свои димензии за просперитетот и одржливиот развој на Југоисточна Европа, денес ја потврдуваме нашата посветеност на зачувувањето на нашата културна разновидност и вредното културно наследство;

Благодарни на УНЕСКО, на Советот на Европа и на Европската Унија за нивната поддршка во унапредувањето на соработката преку регионални проекти и активности во областа на културата во Југоисточна Европа;

Ние, министрите за култура и шефовите на делегации, ќе се залагаме за следново:

  1. Заштита, конзервација, зачувување и промоција на културното наследство (во сите негови сегменти) низ процеси на интегрирање во развојните политики на државите од регионот ценејќи ја културата како еден од главните двигатели и носители на процесите на одржлив национален и регионален развој.
  • Зголемување на отпорноста на културното наследство на намерното уништување, на влијанијата од климатските промени и на другите притисоци поврзани со развојот, вклучувајќи ја непланираната урбанизација и несоодветно регулираниот и неодржлив туристички развој, преку интегрирање на системите на знаење засновани врз културата и традиционалните системи на знаење, како и креативност во политиките и активностите за засилување на отпорноста, социјалната еднаквост и вклученоста на заедницата.
  • Унапредување на употребата на дигиталните технологии во зачувувањето, документирањето и промоцијата на културното наследство, поттикнување на дигитализацијата на културното наследство и примена на дигитални алатки за создавање дигитални бази на податоци, со цел унапредување на презентацијата и визуализацијата на културното наследство, во функција на подобрување на промоцијата на моделите за одржливо управување со културниот туризам, како и одржливо користење и економска валоризација на културното наследство, со цел развој на културните и креативните индустрии–вклучувајќи производи од информатичката технологија, архитектура, дизајн, мултимедија и ревитализација на традиционалните занаети.
  • Промовирање на етичка употреба на вештачката интелигенција (ВИ) и инклузивна примена на новите технологии во создавањето дигитални бази на податоци и архиви, но, исто така, и во промоцијата на културното наследство, обезбедувајќи почитување на културната разновидност, суверенитетот на податоците и правата на интелектуална сопственост.
  • Зајакнување на вклученоста на локалните заедници, меѓу кои и ранливите групи, во процесот на одлучување поврзан со заштитата на наследството, едукација на младите преку иновативни методи и спроведување на медиумски кампањи што ќе ги промовираат богатството и разновидноста на културното наследство.
  • Воведување современи политики и практики, како што се зелените иновацииво процесите на конзервација и ревитализација,  вклучително и негување на пренесувањето на традиционалните системи на знаења и нивната примена за решавање на сегашните и на идните потреби.
  • Интензивирање на регионалната и на меѓународната соработка во функција на заштита на културните добра, ревитализација, дигитализација, промоција, презентација и едукација поврзана со културното наследство, преку заеднички проекти, активности за градење капацитети, како и размена на искуства меѓу државите од регионот.

Препознавајќи ја потребата од регионална солидарност и соработка во развојот и спроведувањето на одржливи културни политики, со цел одговор на заедничките (еколошки, урбани и технолошки) предизвици со кои се соочува наследството, како министри за култура и шефови на делегации изразуваме благодарностдо Република Бугарија за иницијативата за создавање Фонд за културна соработка (CCF) заедно со УНЕСКО, која е изразена и во декларациите усвоени во: Софија во 2019 година, Риека во 2020 година, Атина во 2021 година и Херцег Нови во 2024 година,и го поздравуваме понатамошниот напредок во дискусијата за неговото конечно создавање и спроведување. Ја покануваме Република Молдавија како иден претседавач со CoMoCoSEE да продолжи со понатамошната работа во соработка со УНЕСКО и со другите земјичленки на CoMoCoSEE со цел завршување на подготовката на текстот на договорот за основање на Фондот за културна соработка.

Воедно,изразуваме благодарност до земјатадомаќин, Република Македонија, за одличното претседателствување со CoMoCoSEE и го поздравуваме преземањето на претседателството над CoMoCoSEE на Република Молдавија.

Усвоенa во Охрид, на 12 декември 2025 година.

Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.

Поврзани вести