
Ефикасното лекување на ракот на панкреас и на дебелото црево често е отежнато од мутациите на генот КРАС, кои го забрзуваат напредувањето на болеста и драстично ги намалуваат шансите за преживување. Потенцијален голем пробив би можела да донесе експерименталната вакцина ELI-002 2 P. Најновите истражувања покажуваат дека таа може ефикасно да го одложи враќањето на ракот и да го подобри преживувањето. Резултатите се навистина ветувачки.
Ракот на дебелото црево во моментот е третиот најчест малигнитет во светот и втор најчест причинител на смрт меѓу карциномите. Ракот на панкреасот се јавува поретко – дванаесетти е по зачестеност, но во статистиката смртноста е на шесто место меѓу најопасните. И двата вида тумори силно се поврзани со мутациите на генот КРАС, кои го забрзуваат развојот на болеста и го ограничуваат преживувањето. Тоа ја покажува важноста на истражувањето за експерименталната вакцина ЕЛИ-002.
Во студија објавена во престижното списание „Природна медицина“ (Nature Medicine) учествувале 25 пациенти со рак на панкреас или на дебело црево, кои биле оперирани, но сè уште имале траги од туморска ДНК во крвта. Присуството на циркулирачка ДНК на туморите (ctDNA) е еден од главните показатели за ризик од враќање на болеста.
Учесниците примале инјекции од ЕЛИ-002 – вакцина која го активира имунолошкиот систем да ги препознае и уништува канцерогените клетки. Како што изјави проф. Зев Вајнберг за „Медикал њуз тудеј“, „оваа вакцина може безбедно и ефикасно да го обучи имунолошкиот систем да ги препознае и потисне мутациите кои предизвикуваат рак“.
По речиси 20 месеци следење, научниците утврдиле дека просечното време на преживување без враќање на болеста изнесувало повеќе од 16 месеци, додека вкупното преживување било речиси 29 месеци. Тоа е далеку подобро од претходните податоци, каде што медијаната до враќање на болеста изнесувала само 5 – 6 месеци.
Особено важно е што кај 24 отсто од пациентите дошло до целосно исчезнување на туморските биомаркери, а кај 67 отсто се развил имунолошки одговор и кон други мутации на туморот. Ова е од особено значење кај карциномите поврзани со мутациите КРАС, кои досега претставуваа еден од најголемите предизвици во онкологијата.