
Центарот за управување со кризи информира дека обилните врнежи заклучно со 21 часот синоќа предизвикале излевања на дел од реките, поплави на станбени објекти, земјоделство земјиште, подруми, како и одрони и свлечишта на дел од патиштата. Од ЦУК велат дека ја следат состојбата и ги повикуваат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, да ги пријават на бројот 112. Се очекува објава од ЦУК за најновата состојба.
Според пријавите и интервенциите споделени на Фејсбук страницата на ЦУК синоќа до 21:00 часот, во Кичево евекуирани се 60 лица откако биле поплавени станбени објекти на ул. „Прилепска“.
Регистрирани биле одрони на патот Гостивар – Стража, но сообраќајот се одвива редовно, а на патот Тетово – Бањиче одрони покрај коловозот го отежнувале сообраќајот. Кај Балин Дол од излевање на Вардар, поплавени се 10 земјоделски парцели и неколку дворови и намалено е производство на ХЕЦ Маврово.
Поради излевање на Лакавичка и Сушичка Река, кај село Мало Турчане и село Горно Бањице поплавено е земјоделско земјиште, а општината, наведува ЦУК, нема соодветна механизација.
Кај село Форино интервенирано е поради паднато дрво во коритото на Вардар, што е ризик од поплава, а кај Тетово–Бањиче (Цртаниот ѕид) се работело на расчистување на патот од свлечишта и одрони.
Во Битола и околината имало поплава кај мостот во село Лера со можно проширување кон селото, а во село Породин поплава на живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква поплавени се дворови и земјоделски земјишта, но реките не се излеани, а во село Сирхан имало одрон кој е отстранет.
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, а интервенирале јавните претпријатија и и локалната самоуправа интервенирале
На патот Охрид – Пештани (кај хотел Гранит) се работело на расчистување на одрон на патот, како и во Струга (Татеши – Мислодежда, Дебар – Струга).
Во Боговиње има поплави на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат но нема загрозени куќи.
Сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства, се вели во информацијата од ЦУК.
УХМР најави дека под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер утре врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Утре ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

Македонски





