
Шефот на словачката дипломатија Јурај Бланар изјави дека Словачка ќе ги блокира новите санкции на Европската Унија против Русија доколку не добие гаранции за испорака на нафта преку нафтоводот „Дружба“, што беше оштетен во руските напади врз Украина на 27 јануари.
Словачка и Унгарија, кои се во голема мера зависни од руската нафта, ја обвинија Украина дека се обидува да ја одложи поправката на нафтоводот.
Доколку нафтоводот „Дружба“ не биде оперативен до одобрувањето на 20-тиот пакет санкции ние нема да го одобрим. Немаме друг начин да ги принудиме украинскиот претседател Володимир Зеленски и Европската комисија да ја поправат „Дружба“ – рече Бланар.
Нафтоводот „Дружба“ испорачува нафта за Словачка и Унгарија, две земји без излез на море, кои некогаш беа членки на Варшавскиот пакт.
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека Европската Унија останува силен и вреден проект, но дека нејзиното сегашно управување е во лоша состојба и не ги одразува интересите на земјите-членки.
Европската Унија е прекрасен проект, тоа е прекрасна организација, но проблемот е што денес е во многу лоши раце. Раководството на Европската Унија воопшто не им служи на интересите на земјите-членки – рече Фицо.
Тој оцени дека сегашните европски лидери немаат никакво меѓународно влијание, издвојувајќи ја шефицата на европската дипломатија Каја Калас, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Роберт Фицо и Виктор Орбан, кој во неделата претрпе пораз на унгарските избори, се сметаат за најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин во рамките на Европската Унија.(МИА)

Македонски


