
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека неговата земја ќе остане членка на НАТО, по медиумските извештаи дека САД размислуваат за суспензија на нејзиното членство.
Шпанија е лојална членка на Алијансата која ги исполнува своите обврски, но во рамките на меѓународното право – изјави Санчез на Самитот на ЕУ на Кипар.
Тој е еден од најгласните критичари во Европа на американско-израелската војна против Иран, поради што повеќепати беше вербално нападнат од американскиот претседател Доналд Трамп.
Западни медиуми претходно објавија дека во Пентагон циркулира белешка со предлог-мерки против членки на НАТО кои не ја поддржале американската војска во војната против Иран.
Во случајот со Шпанија, во електронската порака се споменува можност за суспензија на нејзиното членство на иницијатива на САД.
Ние не работиме врз основа на електронски пораки, туку врз основа на официјални документи и ставови на владата на САД – рече Санчез.
Ставот на шпанската влада е јасен: апсолутна соработка со сојузниците, но секогаш во рамките на меѓународното право – додаде тој.
Владата во Мадрид ја оцени војната против Иран како „нелегална“ и спротивна на меѓународното право, па ѝ забрани на САД користење на воените бази на југот на земјата за напади врз Иран. Исто така, го затвори воздушниот простор за американски воени авиони кои учествуваат во нападите.
Во интерната комуникација на Пентагон се споменува и Обединетото Кралство, кое би можело да ја изгуби поддршката на САД во спорот со Аргентина околу Малвинските (Фолкландските) Острови по војната од 1982 година.
Лондон првично, исто така, забрани користење на своите бази за напади врз Иран.

Македонски



