Skip to main content

Папата Лав 14.: Ниту една држава сама не може да се справи со глобалните предизвици

принтскрин

Папата Лав 14., за време на посетата на седиштето на Светската програма за храна (WFP) во Рим, предупреди на сè пофрагментираниот светски поредок и на кризата на мултилатерализмот.

Папата Лав повика на обновена посветеност на мултилатералната соработка во време на кризи, нагласувајќи дека ниту една држава не може самостојно да ги надмине глобалните предизвици.

Тој посочи дека државите сè повеќе ги насочуваат своите ресурси кон националната безбедност, економскиот раст и внатрешната стабилност, но притоа ја занемаруваат тесната поврзаност меѓу овие прашања и мултилатералната соработка.

Папата додаде дека човековото достоинство повеќе не е доследно поставено во центарот на меѓународното дејствување. Според него, хуманитарните прашања, како што е борбата против гладот, сè повеќе се потиснуваат на листата на меѓународни приоритети.

Тој го опиша гладот како еден од најитните проблеми.

Гладот не е само хуманитарно прашање. Тој ја разорува општествената кохезија, го зголемува ризикот од конфликти и поттикнува присилни миграции. Покрај тоа, гладот ја поткопува способноста на државите и на општествата да изградат отпорни институции, да обезбедат ефикасно образование и да поттикнат одржлив економски развој – изјави папата.

Лав ја пофали работата на агенцијата на ОН во борбата против гладот ширум светот.

Во тој дух, сакам да упатам апел до владите и до народите во светот да ја обноват и да ја зајакнат својата посветеност, да ги зголемат ресурсите наменети за борба против гладот и неговите главни причини и да ги отстранат пречките што ја спречуваат помошта да стигне до оние на кои им е најпотребна – порача папата Лав. 

Поврзани вести