
.Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, оцени дека евентуалното приближување на Германија до поседување нуклеарно оружје би претставувало несомнен casus belli (повод за војна) и причина за преземање најшироки мерки на руски одговор во рамките на доктрината за нуклеарно одвраќање.
Во текст објавен за РТ, Медведев наведе дека таквиот развој на настаните би предизвикал сериозна загриженост не само во Москва туку и во Соединетите Американски Држави, особено во контекст на можни нови преговори за договорот СТАРТ-4 и евентуално вклучување на Кина во нуклеарните аранжмани.
Тој предупреди на, како што рече, сценарио на „нуклеарна Европа под водство на милитаристичка Германија“ тврдејќи дека дел од потенцијалниот арсенал би можел да биде надвор од контрола на НАТО, што, според него, би имало глобални безбедносни последици.
Медведев го обвини Западот за подготвеност да ги игнорира или прекршува меѓународните договори, вклучително и поранешните ветувања дека НАТО нема да се шири кон исток наведувајќи дека политичките договори често се напуштаат поради „политичка целисходност“.
„Брзината и дрскоста со кои западните сили денес ги напуштаат фундаменталните меѓународни документи и принципи во корист на озлогласената политичка целисходност се вџашувачки“, изјави Медведев.
Во делот посветен на Германија, тој оцени дека официјален Берлин води политика, која, според него, подразбира стремеж кон стратешки пораз на Русија и поддршка за Украина, која ја опиша како посредно вклучена во поширок конфликт.
„Германците се подготвени да ги користат украинските вазали како евтина монтажна работилница за своето производство“, наведе Медведев.
Тој додаде дека германското политичко раководство ја прогласило Русија за „главна закана за безбедноста и мирот“ и дека во Берлин официјално е објавена целта за нанесување „стратешки пораз“ на Москва.
Според Медведев, Германија, како и Европската Унија во целина, немала ниту повод ниту објективни причини толку силно да застане во одбрана на Украина и да ја прогласи Русија за свој „вечен непријател“.
Тој предупреди дека Русија мора да одржува високо ниво на борбена готовност на западниот правец повикувајќи се на историски паралели со Втората светска војна и нагласувајќи дека не смее да се повтори „трагедијата од 1941 година“.
На крајот, Медведев повтори дека приближувањето на Германија кон нуклеарен капацитет или промена на европската безбедносна архитектура, без, како што тврди, соодветна контрола, би можеле да предизвикаат руски одговор во согласност со руските стратешки нуклеарни доктрини.

Македонски




