
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети Општина Аеродром, каде интензивно се работи на реализација на инфраструктурни проекти финансирани преку првиот владин повик за поддршка на општински проекти.
Во оваа најбројна скопска општина, во тек е санација и рехабилитација на скверот зад ТЦ „Капитол“, се обновуваат тротоарите на улица „23 Октомври“ во населбите Острово и Стар Аеродром, а од денеска започнаа да се реконструираат и тротоарите на улица „Анастас Митрев“ во населба Мичурин. Министерот Перински заедно со градоначалникот Дејан Митески, посетија дел од локациите каде се одвиваат градежните зафати и констатираа дека изведбата на терен се одвива непречено.
Согласни беа дека обновата на тротоарите ќе придонесе за зголемена безбедност и комфор за пешаците и дека интервенциите се доказ за посветеноста да се работи на решенија кои го подобруваат квалитетот на секојдневието на жителите, користејќи ја поддршката од централната власт на ефикасен и одговорен начин.
На Општина Аеродром на првиот владин повик одобрени и беа девет проекти, а на вториот, Општината веќе поднесе апликативни формулари за шест проекти.
Министерот Перински при теренската посета на Аеродром истакна дека градежниот бум во општината е потврда дека партнерството меѓу централната и локалната власт не е само административна формалност, туку двигател на вистински промени. Тој беше дециден дека синергијата ќе продолжи, уште поинтензивно, уште поцврсто, затоа што преку соработка и меѓусебна поддршка се создаваат услови за траен и одржлив развој на општините и подобар живот за граѓаните.
Утре домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“ ќе биде Општина Центар, во чии рамки министерот ќе одржи средба со градоначалникот и членовите на општинскиот Совет.