Skip to main content

Стартува кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“ за подигнување на јавната свест за пријавување корупција

Денеска официјално беше најавена кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“, која има за цел да ја зголеми јавната свест за потребата од пријавување на корупција и да ги охрабри граѓаните активно да пријавуваат коруптивни случаи.
Корупцијата, која е присутна во речиси сите пори на нашето секојдневие, ја поткопува довербата во институциите, ги ограничува можностите за економски развој и ја загрозува правната држава. Во таа насока, кампањата ги повикува и охрабрува граѓаните да не стравуваат и да пријавуваат коруптивни активности, со што значително ќе придонесат кон искоренување на оваа негативна појава.

Во пресрет на кампањата, тим лидерот на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, Дитер Шиндлауер, порача дека борбата против корупцијата е клучен дел од градењето општество засновано на владеење на правото и дека од самиот почеток, проектот се заснова на цврста и практична соработка со локалните институции преку сите четири компоненти. Тоа, според Шиндлауер, овозможило заеднички да се дизајнираат и спроведуваат активности кои не само што се усогласени со приоритетите на земјата, туку и се прилагодени на реалната состојба. Кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина“ е директен резултат на таа соработка, насочена кон поттикнување на граѓаните и институциите да застанат против корупцијата. Според тим лидерот на проектот, одржливиот напредок може да се постигне само кога постои меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на транспарентност и одговорност.

Мојца Кузмички, експерт за антикорупција и перење пари, посочи дека главниот фокус на оваа кампања е подигнување на свеста и градењето доверба, за луѓето да можат да ја препознаат корупцијата, да го разберат нејзиното штетно влијание и да се чувствуваат безбедно и охрабрено да преземат акција.

„Денеска не претставуваме само уште една кампања, воведуваме витална иницијатива, која се фокусира на превенција преку подигање на свеста, едукација и активно вклучување на граѓаните во борбата против корупцијата, која не е задача само на една институција. Тоа е споделена одговорност на целото општество. Само преку соработка на граѓаните, органите за спроведување на законот и граѓанското општество можеме да изградиме потранспарентна, поправедна и доверлива држава. Со денешниот настан, отвораме ново поглавје – поглавје во кое секој поединец е дел од решението“, истакна Кузмички која посочи дека постојат конкретни канали за пријавување сомневања за корупција, вклучувајќи ја Полицијата, Царинската управа, Финансиската полиција и други институции.

Според директорот на Бирото за јавна безбедност, корупцијата низ годиниве ја разнишува довербата во институциите и ја загрозува правната држава, па од тие причини, Бирото и Министерството за внатрешни работи даваат максимална поддршка на кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“.

„Ќе го искористиме целото наше знаење и капацитети и ќе работиме на системите за пријавување корупција, како и за обезбедување заштита и доверливост на лицата што пријавуваат. Наша задача е да создадеме доверба кај граѓаните, да ги охрабриме да бидат дел од решението и да им овозможиме безбедно и ефективно пријавување на коруптивни случаи. Верувам дека ќе обезбедиме ефикасна координација и брза реакција со цел тие да се процесуираат и санкционираат во најкус можен рок. Нашата поддршка на оваа кампања е безрезервна и со јасна намера во насока на зголемување на транспарентноста и одговорноста во институциите, создавајќи средина каде што граѓаните ќе се чувствуваат безбедно и мотивирано да пријавуваат неправилности“, истакна Јанев.

Кампањата е во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, како дел од пошироките напори за јакнење на владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста во земјата, а е во соработка со Министерството за внатрешни работи, што ќе овозможи подобрена координација и ефикасност во процесот на пријавување и гонење на корупцијата.

„0% корупција – Ајде да е вистина!“ ќе се шири преку социјалните медиуми на Проектот и МВР, како и преку медиумите и со поддршка на влијателни јавни личности кои ќе помогнат за нејзина поголема афирмација.

Организаторите на кампањата посочија дека целта на иницијативата е да се изгради култура на нулта толеранција кон корупцијата и да се овозможи поддршка на сите кои се одлучуваат да пријават неправилности, без разлика во која област. Истовремено, таа претставува важен чекор кон транспарентност и чесност и е повик до сите граѓани, институции и организации да се приклучат и да дадат свој придонес во борбата против корупцијата.

Поврзани вести