Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници на славните предци

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, истакнувајќи дека овој датум е „најсветиот македонски ден“ и симбол на вековната борба за слобода и државност.

Во својата честитка, претседателката посочува дека на 2 август 1903 година македонската републиканска идеја се остварила преку Крушевската Република, а во 1944 година, со Првото заседание на АСНОМ, било реализирано правото на македонскиот народ на сопствена национална држава во која се гарантираат правата на малцинските заедници.

Во Илинден, како што посочува ја гледам искрата на македонскиот револуционерен оган, што им го осветли патот на партизаните до исконската цел – слободата, наведува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека Илинден е персонификација на исконска желба, решеност, стаменост и храброст за соочување и прифаќање на личната жртва како неминовна!

Таа истакнува дека Илинденската епопеја е македонска битова драма.

Низ крвавите страници на тешката историја, испишани со Делчевата мисла, Каревата републиканска визија, Питугулиевата саможртва, Чентовиот трибунски дух и делата на бројни знајни и незнајни јунаци, натопени со реки од солзи, се градеше и обликуваше македонската република. Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци. Кој, ако не ние, ќе биде чувар на илинденскиот завет? Кога, ако не сега, ќе ја оправдаме довербата на илинденците и асномците? Каква Република ќе им оставиме на нашите сакани деца и внуци?, потенцира Сиљановска-Давкова.

Во обраќањето, претседателката порачува до граѓаните дека без оглед на етничката, верската, политичката, партиската или друга припадност, мора да ја разбудиме илинденската и асномската совест и свест, влегувајќи во неминовна и неодложна борба за нашата заедничка македонска, европска, демократска република, како правна држава заснована врз начелото на поделба на власта и ефективни спреги и кочници меѓу законодавната, извршната и судската власт, одлучна да ги победи насилството, корупцијата и криминалот, со компетентна, етичка и ефикасна администрација, развиено цивилно општество вклучено во процесот на одлучување и објективно новинарство, бескомпромисно во одбраната на општото добро.

Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани. Честит Илинден, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод Денот на Републиката.

Поврзани вести