Skip to main content
6j2m0vwe7s0

Шилегов: СДСМ е киднапирана од тесен круг, партијата оди во изолација

Монополизацијата на одлучувањето е клучната причина за длабоката поларизација во СДСМ, како меѓу актуелните пратеници, така и меѓу високи сегашни и поранешни партиски функционери, оцени поранешниот градоначалник на Скопје и истакнат член на партијата, Петре Шилегов.

Тој посочи дека јавноста денеска дознала оти СДСМ нема да го поддржи проектот „Сејф сити“, но праша кој партиски орган и кога ја донел таа одлука. Според Шилегов, во минатото ваквите сериозни прашања секогаш биле предмет на широка и суштинска внатрепартиска дебата.

„Кога се одржал Извршниот одбор, кога Централниот одбор и кога била одржана координација на пратеничката група на која е донесен став да не се поддржи конкретен закон, за кој сите сме согласни дека содржи контроверзии?“, праша Шилегов.

Тој оцени дека е недозволиво општинските организации да бидат практично блокирани само неколку дена пред одржување на партиски конгрес, нагласувајќи дека ваквата состојба дополнително ја продлабочува кризата во партијата.

Според Шилегов, излез од ваквата состојба е можен само преку оставка на актуелното раководство.

„Ситуацијата е премногу сериозна. А СДСМ е судбински врзан со судбината на оваа држава“, рече Шилегов, додавајќи дека „историјата познава многу генерали кои останале без војска“.

Тој посочи дека не само што е пасивизирано членството, туку е демотивиран и значаен дел од пошироката либерална јавност кон која традиционално гравитира СДСМ.

„СДСМ секогаш бил алтернатива, дури и кога бил во опозиција. Денес, со неодењето на лидерската средба, стануваме изолирана партија“, заклучи Шилегов.

Поврзани вести