
Во емисијата „Анализа“ на телевизија 24 гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, кој истакна дека годинава нема да има предвремени парламентарни избори, односно дека ВМРО-ДПМНЕ се стреми за редовни избори во 2028 година и дека приоритет остануваат реформите, евроинтеграциите и реализацијата на проекти ветени пред граѓаните, пишува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа година нема да има дефинитивно предвремени парламентарни избори, бидејќи оваа година ни е реформска година каде што ние и пред граѓаните и пред европската јавност треба да испорачаме она што сме ветиле пред граѓаните и она што сме се обврзале кон нашите европски партнери во делот на евроинтеграциите односно реформската агенда. Изборите редовни се во 2028 година, оваа година предвремени парламентарни избори нема да има, но ВМРО-ДПМНЕ е спремно секогаш да излезе на избори, бидејќи она што сме го ветиле ние сме го оствариле – рече Ристески.
Пратеникот Ристески посочи дека во изминатиот период е реализиран значаен дел од предизборната програма, наведувајќи ги како примери двојното зголемување на пензиите, потпишаните колективни договори во здравство и образование, притоа нагласувајќи го и инфраструктурниот бум низ целата држава.
Голем дел од проектите кои ги ветувавме од предизборните ветувања кои ги имавме пред граѓаните веќе ги завршивме тоа се зголемување на пензиите на два пати, еднаш 5000 денари и потоа за уште 2000 денари, значи вкупно 7000 денари, потпишани колективни договори со синдикатите во здравство, во образование, тоа значи зголемување на платите до 2028 година до 60%, инфраструктурен бум со проекти на територијата на цела држава, што значи дека она што сме го ветиле ние во голем дел сме го реализирале во изминативе скоро две години, така да сме посветени апсолутно на исполнување на реформската агенда, на евроинтеграциите и на завршување на проектите кои сме ги ветиле пред граѓаните. Тоа е приоритет на Владата на ВМРО-ДПМНЕ – вели Ристески.

Македонски




