Skip to main content

Во Македонија околу 2.500 лица живеат со мултипла склероза, лани биле дијагностицирани нови 115

фб профил на Сашо Клековски, директор на ФЗО

Започнува децентрализацијата на добивање третман и терапија за пациентите со мултипла склероза (МС) во три регионални центри, информираше денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој присуствуваше на одбележувањето на Денот на мултипла склероза во Скопје.

Од националното Здружение за МС велат дека ова претставува долгогодишно примарно барање на здружението и успешно се имплементира како пилот-програма во три клучни јавни здравствени установи низ државата: ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември“ – Скопје, ЈЗУ Клиничка болница – Штип (за покривање на Источна и Североисточна Македонија) и ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ –Охрид (за Југозападниот регион).

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), д-р Сашо Клековски, потврди дека Фондот максимално излегува во пресрет на зголемените потреби преку одобрување зголемен наменски условен буџет. Клековски со гордост истакна дека ветувањето дадено минатата година на истиот овој ден е во целост исполнето благодарение на макотрпната синергија меѓу ФЗО, Здружението и Клиниката за неврологија. Доколку оваа пилот-фаза ги потврди очекуваните резултати, децентрализацијата ќе се прошири и во други градови со цел терапијата да биде доближена блиску до домот на пациентот, со што ќе се елиминираат исцрпувачките патувања и патните трошоци, наведуваат од националното Здружение за МС.

Претседателката на Националното здружение за МС, Ана Карајанова Димитрушева, која го отвори настанот, упати порака за солидарност, нагласувајќи дека луѓето кои живеат со оваа комплексна состојба во Македонија повеќе не се сами во својата борба.

Во своето обраќање, в.д директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски, презентираше податоци од клиничката пракса и се осврна на системските напори за модернизација на дијагностиката. Според официјалните евиденции, во нашата земја во моментов живеат околу 2.500 дијагностицирани пациенти со МС. Трендот на откривање нови пациенти со МС има нагорна линија, што се потврдува со регистрираните 115 новодијагностицирани пациенти во текот на 2025 година. Божиновски објави дека Клиниката е во интензивен процес и напори за набавка на нов апарат за магнетна резонанца (МРИ), кој драстично ќе го скрати времето за поставување дијагноза и евалуација на болеста. Дополнително, буџетот на Клиниката само за набавка на лекови за МС за 2026 година пораснал за дополнителни средства и сега изнесува 451 милиони денари. Ова зголемување овозможува пристап на поголем број пациенти на третман – од 961 пациент во 2025 година, планот за 2026 година опфаќа над 1.020 лица на терапија. Во согласност со светските медицински трендови, речиси 600 пациенти се на третман со високоефикасна модифицирачка терапија, со што директно се спречуваат релапси и долгорочен инвалидитет.

Од националното Здружение на МС посочуваат и дека посебно емотивен и сензитивен дел од настанот беше презентацијата на најновото истражување, спроведено меѓу членките на здружението од страна на д-р Слободанка Бурнеска Саздова од Клиниката за неврологија. Анкетата, фокусирана на планирањето на семејството кај жените со МС во Македонија, покажа дестимулирачки, но алармантни резултати кои бараат итна општествена акција. Се истакнува дека мултиплата склероза сè уште се доживува како огромна психолошка бариера за бременост, но не поради биолошка неможност, туку исклучиво поради неоправдан страв од влошување на состојбата и изразен дефицит на информации. Клучни заклучоци од истражувањето за бременост и МС се дека пациентките имаат силна желба за остварување како мајки, но се оневозможени од страв од релапс по породувањето и дека се чувствуваат недоволно информирани.

Како директен и брз одговор на собраните податоци, Здружението официјално промовираше локализирана и испечатена едукативна брошура за планирање семејство кај МС. Здружението објави дека монументалната зграда на Археолошкиот музеј на Македонија во центарот на Скопје, почнувајќи од вечерва па сè до крајот на неделата, ќе биде целосно осветлена во портокалова боја – официјалниот меѓународен симбол за поддршка на лицата со МС. Организаторите ги повикаа граѓаните деновиве да прошетаат покрај кејот на реката Вардар во знак на симболична поддршка за надминување на бариерите.

Поврзани вести