
Во Собранието денеска се одвива дискусија за интерлепацијата за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски поднесена од политичката партија Левица.
Во рамки на дебата пратениците од опозицијата кажаа дека за време на мандатот на Тошковски се случиле бројни скандали и безбедносни пропусти, а институциите, како што посочија, не утврдиле одговорност. Побараа министерот да си даде неотповиклива оставка од функција. Од пратеничката група на СДСМ најавија дека ќе ја поддржат интерпелацијата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, прашаа дали треба да се бара смена за оние функциониери кои работат, оние кои се посветени и дали треба да се напаѓа оној кој се труди да работи и што има резултати што е отчетен пред јавноста.

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески истакна дека по, како што рече, сите скандали, безбедносни пропусти и трагедии во изминатите две години, Тошковски одамна требало да поднесе оставка.
Да имаше право и правна држава, да имаше Закон кој што важи за ВМРО, Панче Тошковски одамна ќе беше сменет. А да имаше морал, Панче Тошковски денес не требаше да биде предмет на интерпелација. Се сеќавате ли на големите зборови на Панче Тошковски? ‘Брат да ми е, ќе одговара.’ Еве поминаа две години. Кој одговараше? Никој. Никој не одговара, рече Талески.
Според него и шест месеци по случајот со пет тони дрога кои поминаа преку граница, нема одговорност, ниту разрешувања.
Интерпелацијата не е само за еден министер, туку за состојбите во целиот безбедносен систем – рече Талески.

Министерот Тошковски во реплика на Талески, нагласи дека во 2025 година – 400 милиони евра е вредноста на кривичните пријави против кои МВР поднело кривична пријава од аспект на заштита на буџетот на Македонија и на македонските граѓаните во однос на 2023 година кога вредноста била 6 милиони евра.
Одговорност за 5 тони дрога од Македонија треба да барате во друго министерство, а не од оваа. Министерството за внатрешни работи на нашиот сосед Србија го контролира влезот во Србија. Тоа е согласно договорот. Проверките ги прави српската царина, согласно договорот. Вие сметате дека ако 100 пати кажете „како ви излегоа, како ви излегоа“ дека ќе го излажете македонскиот народ? Ама не е така. Прифатете го тоа како факт. Бидејќи вие зборувате со манипулации, измислици, невистини за дефокус на јавноста, јас ќе зборувам со факти. Во 2023 година поднесени се од страна на истово Министерство кое тогаш беше раководено од ваш кадар, 126 кривични пријави поврзани со корупција. Во 2025 година – 290. Во 2023 година – 185 сторители, во 2025 година – 678 се опфатени за кривични дела поврзани со корупција. Правите математичка разлика од една до друга бројка. И најбитно од се, во 2023 година, она коешто вашиот репрезент кога го водел МВР и поднел кривични пријави во вкупна вредност за заштита на буџет на држава и на граѓаните во износ од 6 милиони евра. Во 2025 година – 400 милиони евра е вредноста на кривичните пријави кои ги поднело МВР од аспект на заштита на буџетот на Македонија и на македонските граѓаните. Правите разлика меѓу 400 милиони и 6 милиони евра? Дали има разлика?- рече Тошковски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески во реплика на Талески, посочи дека актуелното раководство на МВР постигнало повисока ефикасност, разбило повеќе криминални групи и придонело за намалување на повеќе видови криминал, при што, според него, се враќа и довербата на граѓаните во полицијата.
Имавте 7 години министер, 7 години обвинителство. Целиот систем под контрола. А што оставивте зад себе? Хаос во издавањето лични документи, граѓани понижени со часови и денови чекање, институции со нарушен углед и чувство дека законот важи за сите, освен за блискиот ешалон на СДС и ДУИ. По доаѓањето на Тошковски на чело на МВР, ефикасноста на полицијата достигнала 69 отсто, што, како што истакна, не е партиска проценка, туку официјална статистика. Сузбиени се над 30 криминални групи, дел во областа на дрогата, дел од нив во областа на корупцијата, криумчирањето мигранти, оружјето и други облици на тежок криминал. А да ве прашам, каде беа тие групи кога бевте вие на власт, тие не се измислени од вчера, тие постоеја и вие кога бевте на власт. Панче Тошковски не наследи функционален систем, туку наследи распаднат систем на раб на колапс, со огромни проблеми, огромни нарушувања и не се зафати со критика, туку се зафати со работа да го поправи и конечно македонските граѓани по оваа цела макотрпна работа повторно да имаат доверба во македонската полиција, која што вие ја нарушивте – рече Јаулески, оценувајќи дека безбедносните резултати се видливи преку разбивањето на 11 криминални групи, големите заплени на дрога и пресекувањето на меѓународни канали за шверц.

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска оцени дека Македонија е далеку од држава во која владее ред, правда и одговорност.
Имаме министер за внатрешни работи, со кој МВР стана симбол на скандали, безредие и партиска послушност. И на толку скандали, на толку пропусти во казнивоста, пропусти во заштитата на граѓаните, на жртвите кои бараат помош, насилства, убиства, трагедии – секој функционер со минимум доблест, досега ќе понесеше одговорност и немаше да биде на функцијата. Што видовме од министерот Тошковски – нула одговорност, прес-конференции со празни фрази од типот „ќе постапиме“, и ништо од постапувањето. Во последните две години, живееме во држава во која насилството стана секојдневие – во училиштата, во домовите, на улиците. Сведоци бевме на случаи на насилство врз жени, кои поради задоцнети реакции од МВР, завршија фатално, со убиства и самоубиства, рече Тренчевска.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник на денешната седница во Собранието ги праша пратениците од опозицијата на кого му смета што има ред во државата, што нема проблеми со патните исправи, што се разбиени 30 организирани криминални групи, запленети се 300 отсто повеќе кокаин од она што било претходно во време на СДСМ.
Денеска со поднесената интерпелација од страна на опозицијата или барањето за смена на министерот на МВР се наметнува едно едноставно прашање кое треба да го знае јавноста кога вака се поднесуваат интерпелации, треба право да се знае зошто се бара смена и втора работа дали треба да се бара смена за оние кои работат, оние кои се посветени дали треба да се напаѓа оној кој се труди да работи и што има резултати што е отчетен пред јавноста. Дали треба да се напаѓа човекот кој се бори да ја направи државата побезбедна, а криминалците понервозни. Јас гледам дека голем дел од нашите колеги кои се од опозицијата денес се понервозни како и криминалците. Зошто да се бара смена за човек кој од прв ден суштински се посвети да ги решава проблемите. За денес да кажеме дека Македонија е побезбедно место за живеење. Дека Македонија денес нема влез на криминалци туку криминалците гледаат да не бидат тука. Кога зборуваме за Панче Тошковски треба да знаеме и каква катастрофа наследи министерот, хаос на улиците, катастрофа наследи во институциите. Со доаѓањето на власт прв и основен проблем беа пасошите, меѓутоа тоа се реши – нагласи Сајкоски.
Тој истакна дека пред две години управните служби биле во хаотична состојба, нереконструирани, а денес се реконструирани, модерни и европски служби.

Македонски



