Skip to main content

На Универзитетот во Тетово денеска продолжува јавната дебата за новиот предлог Закон за високо образование

На Универзитетот во Тетово, денеска (среда) во 13 часотќе се одржи јавна дебата за новиот предлог Закон за високо образование, на која ќе присуствуваат и претставници на Универзитетот на Југоисточна Европа, соопштија од Министерството за образование и наука.

На дебата ќе присустува и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Досега јавни дебати беа одржани на Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во Македонската академија на науките и уметностите и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Законот за високото образование и законот за квалитет во високото образование се поставени на националниот регистар на прописи (ЕНЕР), а засегнатите може да праќаат коментари и на двете е-адреси на МОН за двата предложени закона. На ЕНЕР од саботата е поставен и текстот на новиот закон за научноистражувачка дејност.

Министерката Јаневска соопшти дека сите предлози што се конструктивни ќе бидат прифатени, а техничките грешки во законите ќе бидат исправени. Сите аргументирани забелешки за кои работната група смета дека се прифатливи, рече таа, ќе бидат внесени во предложениот текст и потоа тој ќе остане уште неколку дена на ЕНЕР пред да оди во владина процедура.

Поврзани вести