
Главната расправа за кривично правниот – предмет со К.бр. 1872/25 поврзан со несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е закажана за 19 – ти ноември 2025 година со почеток во 09:30 часот, во судницата во КПУ Идризово, информираше утрово Кривичниот суд во Скопје преку писмено соопштение
„ Како што претходно известивме, обвинителниот акт поднесен првично од ОЈО Кочани па со решение на Јавниот обвинител на РСМ, доделен во надлежност на Скопското јавно обвинителство, беше одобрен во целост, а согласно АКМИС – системот, распределен на понатамошно постапување кај судија Диана Груевска Илиевска.“ – се вели во соопштението од Кривичен.
„Дополнително, заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 год., 26.11.2025 год., 2.12.2025 год., 4.12.2025 год., 10.12.2025 год. и 11.12.2025 год, а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. Поканите до странките се веќе во фаза на достава.
Со оглед на бројот на обвинети и интересот кај медиумите, како суд укажуваме на сите учесници во постапката да бидат присутни во судницата најмалку еден час пред закажаниот термин, заради неопходните безбедносни процедури како и навремено отпочнување со расправата, а сите акредитирани медиуми навреме да ги обезбедат неопходните дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд на РСМ“ – информираат од Судот.
Ниту еден од обвинетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која животот го загубија 64 лица, а повеќе од 200 беа повредени, не прифаќа вина за трагедијата, како што се товарат во обвинителниот акт.
Документот има 117 страници, а на 109 од нив се приговорите на обвинетите и нивните адвокати.
За потсетување, со обвинителниот акт се товарат 34 лица, и три фирми, во него е изнесен обемен доказен материјал – над 1.440 докази, а предложени се дури 283 сведоци за сослушување.