
Националниот механизам за реформската агенда претставува форум кој не е само нова платформа, туку и нов начин на градење консензус за суштинските реформи и кој ќе обезбеди транспарентно, инклузивно и евиденциско засновано следење на реформите, истакна Орхан Муртезани, министер за европски прашања и главен преговарач со ЕУ.
Тој потенцира дека реформската агенда не е само технички документ, туку е мапа за трансформација, визија за иднината преточена во конкретни чекори, рокови и резултати, за чија реализација потребна е обединетост и вклученост на сите државни инститиции и граѓанскиот сектор.
– Ние веќе сме во завршна фаза на дефинирање на националанта структура која ќе работи на спроведување на реформската агенда, која на политичко и оперативно ниво ќе го координира целиот процес и ќе гарантира институционална кохерентност. Денес нашата визија добива и своја структура преку овој национален механизам, кој ќе обезбеди транспарентно, инклузивно и евиденциско засновано следење на реформите. Преку овој механизам всушност ја отвораме вратата за системски дијалог меѓу институциите и граѓаните, научната и бизнис заедница. Тоа не е само административна неопходност, туку патот кон создавање реформска култура која се темели на доверба, отчетност и заеднички цели. Со други зборови тоа е амбициозен обид да ја претвориме европската перспектива во конкретна реалност за нашите граѓани преку владеење на правото, енергетската транзиција, дигиталната трансформација унапредувањето на човечкиот капитал и доброто владеење, пет столба кои не се паралелни туку меѓусебно зависни и енергетски поврзани, рече Муртезани во воведното излагање на првиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда (НКМ-РА).
Тој потсети дека Реформската агенда 2024/2027 за земјава е веќе препознаена во Брисел, не како политичка реторика, туку како сериозен реформски напор. Исполнети се сите пет иницијални реформски чекори предвидени до февруари оваа година вклучувајќи го и новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, подзаконските акти од Законот за буџети, реформите во изборот на управните органи на државните компании и кадровските решенија во судството. Како потврда на нашата водечка улога во регионот во овој контекст, веќе поднесовме барање за ослободување на 17,1 милион евра до ЕК, посочи Муртезани.
– Овие мерки се само дел од реформската агенда која носи дополнителен финансиски поттик од 750 милони евра за Македонија. Дел од овие средства се за директна буџетска поддршка, а значителен дел е наменет за инвестициски проекти и социоекономски развој, со јасна врска меѓу реформите и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Паралелно веќе се работи на 16 нови чекори со рок јуни 2025 година, вредни над 70 милиони евра. Сето ова докажува дека веќе почнуваме да ги чувствуваме придобивките од членството уште пред формално да станеме членка на ЕУ, потенцира министерот Муртезани.
Бен Нупнау, заменик-шеф на мисија во Делегацијата на ЕУ, истакна дека транспарентноста и отчетноста се од витално значење за успешни реформи и инвестиции во рамки на Инструментот на раст.
– Реформската агенда нуди брз пат кон интеграција во единствениот пазар на ЕУ и додатни фондови за реформи и инвестиции. Реформите имаат за цел да ја зголемат конкурентноста на РСМ, да созадаваат нови работни места и подобри услови за граѓаните. Ние сме на почетокот на реформите и оценувањето за првите шест месеци е веќе во процес и овој состанок е точно на време. На овој пат имаме свои предизвици, и треба да овозможиме граѓанските организации да придонесат и одблиску да го мониторираат процесот за да се осигураат дека се оди како што треба. Реформските приоритети и предизвици се од голема важност исто така и градењето на партнерства со Владата и ЕУ за да имаме редовни системски механизми за мониторирање кои ќе имаат нивен фидбек од сите вклучени страни и да се осигураме дека има реформи кои се случуваат, а дека финансиите се насочуваат таму каде што треба и ако има непредвидени пречки тие да се адресираат, порача Нупнау.
Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ истакна дека Националниот консултативен механизам за Реформската агенда (НКМ-РА), има за цел да поттикне инклузивен и транспарентен дијалог за спроведувањето на реформските процеси во државава.
– Нашата цел во овој проект на национално ниво покрај мониторингот е да се формира еден национален консултативен механизам, односно да поддржиме соработка со граѓанскиот сектор, со коморите,м со академиската заедница со кои би се гледале на шест месеци заедно во соработка со институциите. Се надеваме дека ова е почеток на еден форум во кој ќе може да споделуваме искуства за новите инструменти воведени со Планот за раст. Ова ќе биде еден од каналите за размена на искуства и дискусија за различните теми кои ги покрива Планот за раст, рече Кацарска.
Состанокот е организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје во соработка со Министерството за европски прашања (МЕП). Националниот консултативен механизам е дел од тригодишниот регионален проект „Следење реформи и раст во Западен Балкан“, кој го води ЕПИ во партнерство со мрежата „Мисли за Европа“ и е финансиран од Европската Унија.