Skip to main content

Мицкоски: Менталитетот на луѓето кои треба да обезбедат владеење на правото не смее да остане заробен во личните интереси

Принтскрин од видео

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата прави се што е во рамки на нејзината надлежност за да се открие и казни корупцијата, но, посочува оти таа не е таа што треба да суди и пресудува, туку да спроведе истрага и случајот да го поткрепи со докази, а потоа се е во рамките на судската власт. Смета дека ако менталитетот на луѓето кои треба да обезбедат владеење на правото остане заробен во личните интереси, тогаш тешко ќе оди овој процес.

Ние не можеме да судиме и никогаш не сме ветиле дека ние ќе судиме. Ние само сме ветувале и ветуваме и до ден-денес тоа го работиме, а сега ќе ви дадам и неколку примери, во коишто ние можеме да покренеме истрага, таа истрага да ја поткрепиме со докази. Од тој момент па натаму се е во рацете на судот, а не на Владата, рече Мицкоски во Отвореното студио на МРТ на прашање од присутвите новинари за тоа кога јавноста ќе дочека конкретна одговорност за високи функционери кои извршиле кривични дела.

Владата, потенцира тој, едноставно може само да почне процес. Процесот потоа, како што нагласи Мицкоски, се води пред суд, којшто по дефиниција е независен.

На крајот од процесот одлука носи суд, прв или втор степен, пред да стане правосилна пресудата. Тоа не го прави владата. Нашите надлежности се до моментот додека се донесе одлука на судија во претходна постапка. Ние не можеме тука да влијаеме, од тој момент натаму се е во раце на судот, рече Мицкоски.

Додаде дека во јавноста има перцепција дека политичарите влијаат на процесите, но како што рече тој ниту помислува на такво нешто.

Не сакам да го правам тоа. Едноставно на памет не ми паѓа такво нешто бидејќи, јас сум свесен и јас сум го имал тоа чувство во минатото дека тоа се случувало. Јас не би сакал да бидам во таква улога на политичар затоа што сепак, прво, моето воспитание, а второ, мојот карактер не дозволува такво однесување. Тоа е прво. Второ ние како влада успеавме да спроведеме постапка во којашто во криминално дело беа фатени врховен судија, јавен обвинител, поранешен претседател на Советот на јавни обвинители. Потоа друг јавен обвинител беше исто така, како оној случајот што беше со, заѕиданите финансиски средства. Ќе ве потсетам дека, неколку министри, вицепремиер, директори… од поранешната влада добија кривични пријави. Понатаму процесите си ги водат судовите, рече Мицкоски.

Додаде дека има многу процеси за висока корупција, но дали и како тие ќе завршат зависи само од оние кои се во судскиот систем.

Според него, начинот на поставеност и функционирање на правосудниот систем практично не е нешто ново. Тоа е, вели, правосуден систем налик на оние во Европа, односно на правосудните системи во рамките на Европската Унија, но како што додаде, треба да се смени менталитетот на тие кои го сочинуваат тој систем.

Ние сега чекориме по реформскиот пат, работиме на реформската агенда. И таму има одредени чекори, индикатори коишто ние треба да ги направиме во пет-шест области. Едно од нив е и правосудството. И сега ние менуваме закони, работиме со претставници на меѓународна заедница и така натаму. И точно сум упатен, да речеме, во тие реформи и во јавнообвинителската служба, и во судската служба, и во судовите, и во јавните обвинителства и така натаму. Конкретно сега тој пакет на закони, го носиме, а до крајот на годината треба да ги донесеме кривичниот закон и законот за кривична постапка. Кога сето тоа ќе го изанализирате ќе сфатите дека практично тоа е пресликано од она што е пракса и начин на функционирање во рамките на самата Европска Унија. Ние ако сакаме таму да одиме, нели, ние мораме по тој пат да чекориме. Сега, дали некој врши соодветен оверсајт на работата на судовите, дали обезбедува доволно голема независност, тоа не би можел јас да кажам, рече премиерот Мицкоски.

Но, како што нагласи, сепак, некогаш работите зависат и од самите луѓе.

Вие може да дадете општествена поддршка колку сакате, меѓународна поддршка колку сакате, да обезбедите колку сакате ресурси. Ако менталитетот на луѓето коишто треба да обезбедат владеење на правото сепак остане заробен во личните интереси, тогаш тешко ќе ни оди. Тешко ќе ни оди и тоа е најголемиот проблем што во моментот ние сега го имаме, рече македонскиот премиер.

Во моментот, додаде, тоа е така, а треба да работиме да биде подобро. Но, тоа не зависи од нас, од Владата тоа зависи од самите тие коишто се дел од тој систем.

Се што може да направи Владата, потенцира премиерот, го прави и сите механизми коишто ги има во моментот ги става на располагање и ги доразвива со законски решенија, коишто се координирани со канцеларијата на Европската комисија и директно со Брисел.

Поврзани вести