
Биеналната изложба „Зимски салон 2026“ ќе се одржи во Национална галерија на Македонија, во објектот Мала станица, а отворањето ќе биде на 26 февруари со почеток во 20:00 часот. Селектор на 21. издание на изложбата е Лилијана Степанчиќ, куратор од Љубљана.
Во текот на своето повеќедецениско постоење, „Зимскиот салон“ се етаблира како значајна биенална изложбена структура што ја мапира актуелната состојба на современата визуелна продукција. Тој претставува репрезентативен пресек на авторски практики – од афирмирани творци до нови генерации уметници – кои преку разновидни медиуми, дисциплини и поетики ги артикулираат современите естетски и општествени прашања. Како изложбен формат со историја на храбри концепциски поставки, Салонот функционира како дискурзивно поле во кое уметноста не е само одраз, туку и критички инструмент на општествената реалност. Неговата автономија овозможува простор за истражување, преосмислување и деконструкција на воспоставените норми, отворајќи перспективи кон нови наративи, вредносни системи и облици на изразување.
На изложбата ќе се обратат претседателката на ДЛУМ проф.д-р Јана Манева- Чупоска, претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ проф.д-р Маја Рауниќ Кирков, кураторката Лилиана Степанчиќ од Љубљана Р.Словенија програмскиот директор на НГМ Мала станица Маја Крстевска. Изложбата за отворена ќе ја прогласи претседателката на Р.Македонија проф.д-р Гордана Сиљановска-Давкова како покровител на изложбата ,,Зимски салон 2026″.

Македонски



