
Во преубавиот амбиент на Селце, успешно се одржа годинешната Летна школа за македонски јазик во Република Хрватска. Проектот, чиј носител е Заедницата на Македонците во Република Хрватска, а се остварува со финансиска поддршка на Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, уште еднаш ја потврди својата непроценлива улога во зачувувањето на македонскиот јазик, идентитет и култура кај помладите генерации. На шШолата учествуваа ученици од сите краеви на Хрватска – Загреб, Осијек, Задар, Риека, Дуго Село и Света Недела.
Со образовна, уметничка и спортска програма: од „Бушава азбука“ до македонски фолклор Во текот на еднонеделниот престој, учениците беа дел од богата програма во која учеа низ креативност и забава. Пред сѐ учеа јазик и писмо: во ритамот на македонскиот мелос, учениците ги надополнуваа своите знаења за македонската азбука. Посебно внимание беше посветено на култната емисија „Бушава азбука“ и нејзиното значење во описменувањето на многу генерации, а учениците ги изработуваа почетните букви од своите имиња од глиномол. На Школата имаше и ликовни и едукативни работилници: под раководство на наставничката Наталија Лековска, се раѓаа уметнички дела инспирирани од убавините на Македонија, а беше реализирана и посебната ликовна работилница „Патот на македонскиот денар“.
На часовите по историја и легенди, младите се запознаа со легендите за природниот феномен Куклици и древниот град Кратово, сместен во еден од најстарите вулкански кратери во Европа. Посебен момент беше испраќањето порака за мир во водите на Јадранското Море – порака која со голема доверба ја додели познатиот уметник Живко Поповски Цветин за време на Струшките вечери на поезијата.А составен дел од Школата беа и часовите по спорт и фокус: спортскиот дух се градеше преку карате тренинзите под водство на карате мајсторот Стефан Цветановски, фокусирани на концентрација, баланс и фокус, проследени со игри во морето и заедничка прослава на пет родендени.
Круна на школата беше Свечената академија на која беа доделени дипломи за сите учесници. Учениците се претставија со свои игрокази, а за дел од нив ова беше прв јавен настап. Програмата беше збогатена со гостување на МКД „Илинден“ од Риека. Друштвото се претстави со своите секции, а водителката Ивона Дуновски која беше водител на фолклорните работилници имаше кратко предавање за македонските носии, нивното значење и важност по што следуваше мала, но богата ревија на народни носии. Програмата заврши со формирање на најголемото и најшареното македонско оро, исполнето со насмевки и гордост.
Иако повеќето ученици беа од I до IV одделение и за многумина ова беше прво одвојување од своите семејства, сите беа среќни, љубопитни и креативни. Организаторите истакнуваат дека е од голема важност во иднина да се информираат што повеќе родители и ученици кои сè уште не се вклучени во редовната настава, за да дознаат дека имаат право да бидат дел и од самата Летна школа, но и од редовната настава која се изведува во основните и средни училишта во Република Хрватска. Преку пријателство и заеднички искуства, младите од македонската заедница го зајакнуваат својот идентитет и гордост кон земјата од која имаат корени, но имаме и позитивни примери каде што и останатите ученици сакаат да го учат македонскиот јазик, да ја запознаат македнската култура и многу често стануваат чувари и горди амбасадори на македонскиот јазик и традиција ширум светот заедно со нашите наследници.
– Нашите ученици се чувари на македонскиот идентитет, нашите најголеми и најискрени амбасадори во светот и продолжувачи на делата на Конески, Мисирков, Миладиновци, Рацин, А. Поповски, Петре М. Андеевски, Горан Стефановски…, порачува Ивана Брезовец координаторка и водител на проектот, професорка која ја изведува наставата за предметот Македонски јазик и култура по модел Ц во Првата гимназија во Загреб и ОУ „ Света Недела“ член на УО на Заедницата на Македонците во РХ и претседателка на МКД „ Охридски бисер“ во Загреб.
Организаторите уптуваат неизмерна благодарност за финансиската поддршката до Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска како главен финансиски покровител, Град Света Недела, МКД „Илинден“ – Риека и МКД „Браќа Миладиновци“ – Осијек.

Македонски


