Skip to main content

„Медитации за обични смртници“ од Оливер Буркеман открива како да им се посветите на вистинските цели

Како да ги прифатите сопствените граници и да им се посветите на вистинските цели? Ова е централното прашање што го поставува новата книга „Медитации за обични смртници“ од британскиот автор и новинар Оливер Буркеман.

Книгата е објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, исто како и неговиот светски бестселер „Четири илјади седмици“, кој важи за едно од највлијателните дела за современото сфаќање на времето и на продуктивноста.

Со својата филозофија на „несовршенството“, Буркеман ги предизвикува длабоко вкоренетите уверувања дека еден ден ќе имаме доволно време, дека ќе бидеме совршено организирани и дека конечно ќе ги ставиме сите работи под контрола. Но, дали навистина ќе дојде тој ден?

Одговорот на Буркеман е едноставен и ослободувачки: не. Наместо бескрајната трка по совршенството, тој предлага поинаков пристап – да ја прифатиме реалноста дека времето ни е ограничено, дека иднината е неизвесна, а обврските се бескрајни. Токму во тоа прифаќање, тврди авторот, се кријат мирот, радоста и чувството на исполнетост.
„Медитации за обични смртници“ е осмислена како четиринеделно патување низ кратки, лесно читливи поглавја што можат да се читаат секој ден. Инспирирани од мисли од филозофијата, од религијата, од книжевноста и од современата психологија, овие медитации нудат практична филозофија за животот – не како совршени луѓе, туку како обични смртници што учат да живеат поисполнето токму среде секојдневниот хаос, среде неизвесноста и среде постојаните одвлекувања на вниманието.

Во текот на четирите недели читателите ќе бидат водени низ процес на прифаќање на сопствените ограничувања, на развивање храброст да дејствуваат дури и кога условите не се идеални, како и кон подлабоко доживување на сегашниот момент. Наместо уште еден прирачник што ветува „совршен живот“, оваа книга нуди реален и охрабрувачки поглед кон човековата природа и потсетува дека најважните нешта не треба да ги одложуваме за некое подобро утре.

Оливер Буркеман (1975) е британски автор и новинар, долгогодишен колумнист на „Гардијан“, каде што ја пишуваше популарната неделна колумна This Column Will Change Your Life, посветена на психологијата, на навиките и на смисленото живеење. Денес го уредува билтенот The Imperfectionist, во кој продолжува да ги истражува темите за времето, за продуктивноста и за ограничувањата на луѓето.

Поврзани вести