
Популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен, како ексклузивна гостинка на издавачката куќа „Арс Ламина“ за претстојниот Саем на книгата кој почнува утре, на 23 април од денеска е во Скопје. На денешната средба со новинарите таа одговараше на прашањата за новинарството и авторството, за првите впечатоци од Скопје, не заборавајќи да ја спомене вкусната храна и убавото кафе.
Пеканен, која е родена во Њујорк, во раните дваесетти години започнува да работи како новинар, известувајќи од Капитол Хил. Таа се специјализира во долги неделни приказни, носејќи уникатен, емотивен пристап при раскажувањето на големите вести. Добива награда „Dateline“ за новинарство за нејзиниот текст во списанието „Washingtonian“, насловен „Saving Dorothy“, за конгресмен од САД и неверојатната битка на неговата сопруга да најде лек против рак за нивната ќерка.
Откако го напушта новинарството за да се посвети на воспитувањето на своите три синa, Сара пишува дела секогаш кога има можност. Нејзиниот прв роман, насловен „The Opposite of Me“, е продаден на „Simon & Schuster“. Правата за нејзините книги се продадени во Кина, Австралија, Германија, Италија, Холандија, Полска, Канада, Русија, Шпанија и други земји.
Досега има објавено 15 книги – самостојни и коавторски изданија, вклучувајќи ги трилерите напишани со Грир Хендрикс. Нивните книги се бестселери на „Њујорк тајмс“, а неколку од нив ќе добијат филмски и телевизиски адаптации.
Новинарството е најсовршената подготовка за станување автор или писател што може да постои, затоа што новинарите работат во поинакви услови. Се создава еден вид на дисциплина, тоа понатаму му помага на пишувањето, затоа што помага да се надмине тој почетен отпор кога почнувате да пишувате и сте свесни дека ако напишете нешто на почеток, дури и да не е совршено, може да се вратите, да го поправите, да го ревидирате, и создавате еден вид на работна дисциплина. Еден од моите издавачи еднаш ми кажа дека никогаш не сум задоцнила, не сум пробила ниту еден рок. Па како, реков, кога е тоа рок, ако го пробиете, останувате без работа. Тоа се должи на новинарството, кажа денеска американската писателка на средбата со новинарите.
На прашањето од што попрво би се откажала, од новинарството или од писателката работа Пеканен одговори:
Пред да се одговори на прашањето треба да размислам од која од овие две работи – новинарство или авторство односно пишување романи полесно би се откажала и веројатно во тој случај би рекла дека би се откажала од новинарството, затоа што пишувањето на еден начин многу ме храни, внатрешна потреба која што може да се задоволи. Би продолжила да пишувам дури и ако никој не ме издава. Искрено се надевам дека никогаш нема да прекинам да пишувам, ќе продолжам да пишувам дури и кога ќе имам повеќе од 80 години. Новинарството е многу благородна и напорна работа, да се соберат сите факти, да се изврши истражување, да се задоволат сите рокови, меѓутоа пишувањето е нешто што мене искрено ме храни, кажа Пеканен.
Таа имаше само пофални зборови за гостопримството во Скопје. Го разгледала градот, имала прекрасна вечера, и се допадна архитектурата и со нетрпение ја чека дружбата со читателите.
Ми приредија навистина топло добредојде мојот издавачки тим, ја запознав мојата издавачка Тања. И она на што најмногу се радувам, всушност, покрај тоа што ќе се дружам со мојот издавачки тим е средбата со читателите. Веќе откако дојдов почнаа да стапуваат во контакт со мене, се допишуваат, ми пишуваат пораки на социјалните медиуми, така што со нетрпение ги очекувам сите претстојни настани, изјави Пеканен.

Американската авторка првпат е во Македонија, но се надева дека нема да е последен. Импресионирана е од сè што и се случува.
Исто така ќе ми биде и прва средба со читателите од овој регион, средба во живо, затоа што веќе често контактирам со нив на социјалните медиуми. Многумина од нив веќе ми пишуваат, одржувам редовен контакт и со нетрпение навистина ја чекам нашата средба на саемот каде што ќе можеме директно да проразговараме и да се видиме, вели таа.
Пеканен со новинарите сподели дека еден од најмоќните коментари што ги добила се однесува на една од книгите што ги напишала, а тоа е „Сопругата меѓу нас“, Читателка и кажала дека читајќи ја нејзината книга успеала да собере храброст да напушти врска што не била добра за неа, дека токму на тој начин се освестила дека работите не се добри и треба да се замине.
Пеканен ќе биде дел од програмата на штандот на „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2026, со кој започнува одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на издавачката куќа. На средбата со македонските читатели, на 25 април (сабота), која ќе започне во 13 часот, ќе биде промовиран нејзиниот нов психолошки трилер „Куќа од стакло“, што неодамна излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. По промоцијата ќе следуваат потпишување и дружба со авторката. За време на гостувањето во Скопје, таа ќе одржи и мастерклас.
Пеканен ѝ е позната на македонската публика и како коавторка на бестселерите „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, што ги има напишано заедно со својата пријателка и уредничка Грир Хендрикс.
„Куќа од стакло“ беше номинирана за наградата Goodreads Choice Award и беше прогласена за една од најдобрите книги на годината на „Амазон“. Таа беше и главен избор на Book of the Month, како и прворангирана книга според LibraryReads.
Книгата раскажува приказна за адвокатка која застапува деца во сложени разводи и случаи за старателство. Нејзиниот нов клиент е деветгодишната Роуз Баркли, која можеби била сведок на убиство на својата дадилка. Во текот на бракоразводната битка, девојчето престанува да зборува, а адвокатката Стела Хадсон се обидува да ја открие вистината — во ситуација кога сите лажат и секој може да биде осомничен.
Книгата веќе е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Македонски


