Skip to main content

Шпанија: Мигрантската криза во Сеута не ја загрози Шенген-зоната

Масовниот прилив на илегални мигранти во шпанската северноафриканска територија Сеута минатата недела не ја компромитираше европската Шенген-зона за безвизно патување – изјави денеска шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомес.

Јасно е дека Шенген-зоната на никаков начин не беше компромитирана од оваа криза – изјави тој по видеоконференциската средба со неговите колеги од Европската Унија.

Изјавата следува по критиките упатени кон Шпанија за начинот на кој ги заштити надворешните граници на Европската Унија за време на мигрантската криза.

Најмалку 72.000 мигранти илегално влегле минатата недела во шпанската енклава Сеута, а околу 70.000 од нив веќе се вратени во Мароко – изјави шпанскиот министер за внатрешни работи.

Според досегашните официјални податоци на шпанската влада, во Сеута влегле околу 50.000 мигранти, од кои „речиси сите“ веќе се вратиле на мароканска територија.

По вонредната средба на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, посветена на мигрантската криза во Сеута, Гранде-Марласка изјави дека разговорите се одвивале во конструктивен дух и дека земјите членки ја признале „брзата и ефикасна“ реакција на шпанските власти.

Тој ги отфрли и тврдењата дека кризата ја загрозила Шенген-зоната, истакнувајќи дека Сеута не е дел од територијата опфатена со Шенгенскиот договор.

Поврзани вести