
Министерство за внатрешни работи на Албанија прогласи двајца македонски граѓани за непожелни поради сомнителни активности против албанската држава, објави Топ чанел (Top Channel). Според медиумот, станува збор за Ваљон Бела и Бекир Халими кои се прогласени за непожелни, а за кои наводно постојат докази за активности штетни за албанската држава. И двајцата имаат забрана за влез на албанска територија во траење од 10 години, додека за Ваљон Бела е издадена наредба за депортација.
Одлуката е донесена по предлог на антитерористичката единица на албанската државна полиција, а потврда дало и тамошното Министерство за внатрешни работи.
Бела е поранешен функционер на ДУИ и поранешен економски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство. Тој на јавноста ѝ е познат дека во 2018 година беше застрелан во нога во скопската општина Чаир. Претходно тој беше дел од Беса, а во ДПА беше потпретседател откако неговата партија Албански сојуз се спои со партијата на Мендух Тачи.
Халими беше член на поранешната ОНА и е вахабистички теолог. Во 2008 беше осомничен за поврзаност со терористичка ќелија на Ал каеда. Во 2016 година беше исклучен од Исламската верска заедница на Македонија по судирите со раководството на институцијата.
Пред неколку недели, Албанија ја прогласи за „нон грата“ и косовската државјанка Икбале Худути, забранувајќи ѝ влез во земјата во период од 15 години.

Македонски


