
Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на СДСМ денеска на прес-конференција посочи дека премиерот Христијан Мицкоски за време на илинденските празници ја злоупотребил говорницата и продолжил со, како што рече, поделби, омраза и навреди.
Според него, Мицкоски повторно сите што не се согласуваат со него ги нарекол „талог“.
Тоа се сите оние што се борат за правда, за еднаквост, за одговорност, сите оние што се борат за европска перспектива на својата држава. Истиот човек кој со години нас, граѓаните, нè нарекува, цитирам, „талог на општеството“, „мекотели“, „мочуриште“, „медиокритети“, „лешинари“, повторно, и тоа од говорницата во Пелинце, каде што требаше да се испрати порака за обединување, го користи истиот јазик на омаловажување. Повторно истиот јазик на етикетирање – рече Жерновски.
Ова, според него, не е патриотизам туку, „патолошка политичка омраза“. Жерновски рече дека „Македонија тоне во економска криза, животниот стандард секојдневно опаѓа, водата е отруена во сè повеќе населени места во државата, без напредок во евроинтеграциите“.
Христијан Мицкоски не може да биде премиер на сите граѓани сè додека нас нè нарекува „талог“. Сè додека македонските граѓани ги нарекува „талог“, ние, за жал, немаме премиер, немаме лидер, рече Жерновски.
Реакција на ВМРО-ДПМНЕ
СДС се препозна и се прогласи за талог на општеството, а еден од основоположниците на тој талог е токму нивниот неуспешен амбасадор Жерновски, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму тој Жерновски е талогот на општеството, кој е дел и основач на системот во државата, кој 20 години е на државна сметка и ја цица државата и беседи како тоа државата не му се допаѓа и како тоа системот треба да се промени.
Системот беше досега таков, затоа што со децении лица како Жерновски, Заев и Филипче го крадеа и уништуваа. Ликови како овие тројца, ја продаваа државата и ја понижуваа на секој можен начин, само за да си го зголемат својот џеб да им биде подлабок и на тој начин сметаат дека треба да функционира една држава.
Тој систем веќе 2 години се менува. Новиот систем е предводен од чесни политичари кои мислат на граѓаните и нивните интереси, а не на својот џеб.

Македонски


