Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Струшките вечери на поезијата веќе 65 години ги поврзуваат светските меридијани

Струшките вечери на поезијата, поетски дом, кој веќе 65 лета поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална Струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот. Шест и пол децении сме благословени да бидеме домаќини на мајсторите на јазикот и алхемичарите на мислата, преточувајќи ги во естетика и етика, истакна вечерва од Струга претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прогласувајќи ги за отворени 65. Струшки вечери на поезијата.

Изразувајќи задоволство што е дел од најпрестижната поетска манифестација, подвлече дека Струга е најпоетскиот град на планетава, градот што живее од емотивни изблици и со нив, во којшто, како што рече претседателката, песните креираат слики на радост и тага, плач и смеа, еднината станува множина, односно дело и култура.    
 
– Струга видела и неа ја виделе многубројни врвни учесници и лауреати на Златниот венец, поетски роднини на Прличев. Нивните имиња се посеани во Паркот на поезијата, заедно со засадените дрвја, како верни сведоци на безграничноста на поезијата.  Благодарение на нив и на неа, ја победуваме ефемерноста на настаните и нештата што нѐ вознемируваат и нервираат со вечноста на духот. И годинава, овде во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“ сведочиме за едноставноста и скромноста на маговите на зборот, кои рецитираат небаре водат битка на живот и смрт, нѐ тревожат или галат, отвораат универзуми, нѐ соочуваат со болните вистини, нѐ фрлаат или спасуваат од водите на Дрим, небаре јагули желни за Саргасовото Море, нѐ учат и поттикнуваат на непокор, слобода, пркос, чувствителност и мудрост- рече Сиљановска-Давкова.

И покрај наездата од алгоритми и сурова вештачка интелигенција, претседателката нагласи дека сепак верува дека поезијата сѐ уште има моќ да го менува, па и да го спаси светот. Според неа, книжевноста била и останува да биде не само естетски, туку и општествен бунт. 

– Големиот Андре Бретон, творецот на надреализмот, пред речиси осум децении во неговата „На патот за Сан Романо“,  напиша дека „поетската како и љубовната прегратка го покриваат погледот на бедата на светот“. Инаку ако побарате од семоќната и сеумната вештачка интелигенција да ви го најде македонскиот препев на оваа песна, ќе останете без одговор, па ви остануваат старите, верни библиотеки и книги. Бедата на светот и отчовеченото до непрепознавање човештво, не се искоренети и сѐ уште се тука, дури и повидливо од лани. Не е доволно да ги покриваме очите и да се затскриваме. Време е да се соочиме со бедата на светот, нашата човечка беда. Време е за катарза, клекнати пред ѕидот на срамот, подолг и од Кинескиот, заклучи претседателката на државата. 

Струшките вечери на поезијата за министерот за култура и туризам, Зоран Љутков се повеќе од книжевен настан. Претставуваат една од најуспешните културни приказни на современа Европа. 

– Тие претставуваат сведоштво дека културата сè уште поседува сила да создава блискост таму каде што постојат разлики и да гради доверба таму каде што постојат растојанија. Поезијата отсекогаш била еден од најсигурните начини на кои човештвото разговара со својата совест. Во стихот се зачувани стравовите и надежите на епохите, сеќавањата на народите и вечната човечка потрага по смисла. Оттаму произлегува и нејзината трајна вредност: таа не нуди готови вистини, туку го проширува хоризонтот на нашето разбирање за светот и за самите себе си- рече Љутков.

Тежината на манифестацијата, според него, не лежи во нејзиното времетраење, туку во влијанието што го оставила врз современата светска поезија. 

– Нивната вистинска вредност се наоѓа во фактот што овде, од година во година, се потврдува достоинството на различноста. Повеќе од шест децении овде пристигнуваат поети од различни јазици, континенти и традиции. Со себе носат различни искуства за светот, различни историски спомени и различни погледи кон иднината. Но секоја година, тие создаваат нешто ретко и драгоцено: заеднички простор на разбирање- подвлече министерот.

За поезијата на добитничката на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга кажа дека ја истражува границата меѓу видливото и невидливото и секојдневието и тајната што живее зад него. 

– Во нејзините стихови зборовите не го опишуваат светот. Тие го преиспитуваат. Не нудат готови одговори, туку отвораат нови хоризонти на мислата. Брасинга припаѓа на оние ретки автори кои успеваат од обичниот миг да создадат чувство на вечност. Нејзината поезија нè потсетува дека човекот не живее единствено во времето што го мери часовникот, туку и во времето што го создаваат спомените, соништата и надежта- рече Љутков.

Директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата Никола Кукунеш на свеченото отворање на манифестацијата подвлече дека јазикот опстојува само доколку секојдневно го живееме, создаваме литература или ја преведуваме, го исполнуваме дигиталниот простор со него, да не остане празно ехо од минатото, туку да пулсира како жив глас во иднината.  

– Во ерата на нескротливата дигитална глобализација, исправени сме пред нов, тивок, егзистенцијален предизвик. Големите јазици, носени на крилјата на технологијата, се сериозна закана за малите јазици, кои водат лавовска битка да си го сочуваат здивот. Со гаснењето на еден мал јазик, не исчезнуваат само неколку илјади зборови од некој речник. Умира еден уникатен начин на кој се набљудува светот. Се брише една уникатна нијанса на залезот, која само на тој јазик може да се именува, испаруваат една специфична тага и една автентична радост. Не верувам дека постои несогласување околу фактот дека малите јазици се чувари на уникатните кодови поврзани со душата кои, доколку исчезнат, ниту еден голем јазик нема да може да ги преведе, замени или надомести- рече Кукунеш.

На 165-годишнината од излегувањето од печат на „Зборникот на браќата Миладиновци“, нагласи тој, повторно сме тука да им се поклониме и да им изразиме најдлабока почит, со завет дека нивното дело нема да му го препуштиме на заборавот.

– Од нив научивме дека поезијата може да живее насекаде, а од „Струшките вечери на поезијата“ дека Струга е нејзин дом, подвлече Кукунеш.

Струшките вечери на поезијата официјално почнаа со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“ во Домот на поезијата во Струга.

МИА

Поврзани вести