
Сотирис Минас е грчки поет и преведувач. Иако нема македонско потекло, тој самоиницијативно го совладува македонскиот јазик од почит кон македонската култура и литература. Неодамна ја објави својата дебитантска двојазична стихозбирка „Раскинување на договорот“ / „Λύση Συμβολαίου“ во издание на „Матица македонска“. Дополнително, тој е преведувач на романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска на грчки јазик.
Како се роди желба самоиницијативно да го научите македонскиот јазик, со оглед на тоа што немате македонски корени?
Мојот мотив да го научам македонскиот јазик е чисто идеолошки. Растејќи во Грција, во средина на распространет национализам и сомничавост кон соседните народи – а особено кон Македонците – откривањето на историската вистина длабоко ме погоди. Морав да се соочам со длабоко вкоренети предрасуди, кои во Грција се негуваат уште од детството. Сфатив дека постоеле и сè уште постојат луѓе со македонска национална свест, врз кои грчката држава спроведувала политики на насилно асимилирање; луѓе кои биле прогонувани, мачени и маргинализирани само затоа што го зборувале својот мајчин јазик. Моите морални принципи, солидарноста и емпатијата не ми дозволија да останам рамнодушен. За мене, учењето на македонскиот јазик беше чин на лична револуција. Научив јазик кој во моето опкружување се сметаше за непостоечки, анонимен и осуден на молк. Секој пат кога го користам и го зборувам, чувствувам дека им оддавам барем малку соодветна почит и правда на сите оние кои страдале од прогоните.

Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте при совладувањето на јазикот и неговите нијанси?
Македонскиот јазик има свои лингвистички специфики кои бараа многу посветеност, но најголемиот предизвик не беше во граматиката или изговорот, туку во околностите во кои го учев. Го научив самостојно во Солун, користејќи интернет извори, во средина каде што самото спомнување на овој јазик беше претешко бреме, нешто што мораше да се задржи ’тивко‘, подалеку од очите на јавноста. Тој социјален притисок и принудната дискреција, фактот што не можев скоро со никого да го споделам тоа, беа многу потешки од кој било јазичен предизвик. Сепак, кога ќе се создаде таа силна емотивна врска со јазикот, секоја препрека станува надминлива – љубовта кон него беше посилна од стравот што го наметнуваше мојата средина.
Велите дека јазикот на еден народ ја носи неговата душа. Што откривте за душата на Македонците преку нивниот јазик?
Јазикот не е само збир од зборови, туку жив глас кој во себе носи идентитет, минато и иднина. Македонскиот јазик во Грција беше цел на најжесток удар како ниту еден друг – со децении подложен на прогони, терор и систематска асимилација. Свесен сум дека многумина беа скршени од страв и пропаганда, но јас се восхитувам на оние што му се спротивставија на забот на времето. Ја открив душата на оние што избраа да не се предадат: на борците што се исправија за своето право, на оние што беа протерани од нивните огништа, како и на оние што останаа дома, сè уште гордо говорејќи го својот мајчин јазик. Токму таа истрајност на непокорените, наспроти сите бури, ја исцртува онаа вистинска македонска душа. Една мачена душа, која сепак денес го наоѓа своето целосно оправдување и израз во литературата. Преку македонскиот пишан збор, оваа ранета историја се претвора во висока поезија, полна со лирска чувствителност, мелодичност и длабок внатрешен ритам кој одбива да замолчи.
Вашата дебитантска стихозбирка носи силен наслов – „Раскинување на договорот“. Каков договор раскинувате со овие стихови?
Насловот на збирката е длабоко личен и симболичен. Со овие стихови раскинувам договор за потчинетост, наметнат уште од моето детство, во семејна средина која за мене беше место на постојан притисок и задушување. Од една страна, бев соочен со принудната потчинетост и постојаниот страв од казна, а од друга страна, со долготрајно, подмолно и систематско поништување на моето сопствено битие, со цел да останам непостоечки, доживувајќи ги како реални само потребите на другите и закопувајќи ги моите сопствени. Овој договор беше потпишан во мое отсуство, со очекување дека ќе се откажам од себе за да им служам на туѓите потреби и барања. Оваа книга е чин на мојот дефинитивен прекин со тој молк. И токму во оваа точка, мојата лична траума се вкрстува со колективната траума на Македонците: и во двата случаи, станува збор за борба против негирањето на постоењето, против потчинетоста и стравот да бидеш тоа што си. „Раскинување на договорот“ е мојот сопствен чин на непослушност – одлука да престанам да бидам проекција на очекувањата на другите и дефинитивно да го вратам својот глас; глас на отпор против сè што се обидува да ме избрише.

Како поезијата успева да изгради мостови таму каде што политиката често поставува граници?
Поезијата има моќ да создаде простор за средба меѓу луѓето, таму каде што политиката поставува ѕидови и граници. Преку уметноста, човекот осознава дека сите, без разлика на потеклото или јазикот, ја споделуваме истата суштина – онаа што чувствува болка, љубов, радост, страв, разочарување и надеж. Со читањето на македонската литература – која за мене е неверојатно богата, а за жал речиси целосно непозната во Грција, и покрај тоа што сме соседи – сфаќаш колку е бесмислено да се одржуваат бариерите што вештачки нè раздвојуваат. За мене, македонскиот стих стана мост преку кој ги надминав сите наметнати предрасуди. Поезијата нè учи на емпатија, го заменува јазикот на омразата со јазикот на разбирањето и нè потсетува дека зад секој „непријател“ што ни го сервира пропагандата, стои човек со своја автентична приказна.

Годинава бевте учесник на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Какви Ви се впечатоците?
За мене беше исклучителна чест што бев поканет да учествувам на Струшките вечери на поезијата, фестивал од светски рамки и со огромна историја. Фактот што во Грција ваква манифестација целосно се премолчува, иако се случува сосема блиску до границата, јасно ја покажува потребата да се пробие оваа изолација.
Се враќам исполнет со сеќавања, но најмногу од сè, со чувството дека тоа што го работам има смисла. На самото свечено отворање, кога ја читав мојата песна „Ми го одзедоа јазикот — македонскиот“, која е напишана како радикална литературна и политичка спротивност на познатата песна-симбол во Грција на Одисејас Елитис, „Јазикот ми го дадоа — грчки“, реакцијата на публиката беше моќна. Аплаузот што го добив ми потврди дека мојот глас, кој доаѓа одвнатре — од земјата каде што се сееле негација и пропаганда, е неопходен. Тоа беше момент во кој се почувствува дека човечноста е посилна од политичките ѕидови.
Оваа емоција се пренесе и на самиот прием по отворањето, кога претседателката Сиљановска изрази желба да ме поздрави. Таа ми сподели дека ѝ потекле солзи додека ги слушала стиховите и ми честиташе за храброста, по што ѝ подарив една од моите книги. Тоа само покажува дека кога поезијата зборува за вистината, таа наоѓа пат до луѓето, без разлика на нивната позиција.
Целото ова прифаќање и прегрнување длабоко ме допре и ми потврди дека тоа што го правам има ефект и стигнува до срцата. Тоа покажува дека народите немаат што да делат меѓу себе, оставајќи простор за надеж за едно подобро утре, без омраза и поделби.
фото: Струшки вечери на поезијата

Македонски


