
Мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) започнува процес на постепено интегрирање на косовската полиција во безбедносниот систем за заштита на манастирот „Високи Дечани“ во западно Косово, објави весникот „Газета експрес“, повикувајќи се на официјално соопштение од мисијата.
Според соопштението, процесот на предавање на контролата ќе се спроведува постепено и е строго координиран со Српската православна црква, косовските институции, Косовската полиција и Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово.
Од КФОР нагласуваат дека мисијата не се повлекува целосно од обезбедувањето на манастирот, туку го оптимизира своето присуство, при што останува главен гарант за безбедноста во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Манастирот „Високи Дечани“ е последниот верски објект во Косово што досега беше под директно, деноноќно физичко обезбедување исклучиво од припадници на КФОР, главно од италијанскиот контингент. По завршувањето на војната во Косово во 1999 година и етничките немири во март 2004 година, контролата врз сите останати православни храмови во земјата постепено ја презедоа локалните полициски сили. Вчера КФОР соопшти дека започнува и постепено предавање на контролата врз друг клучен објект — централниот мост на реката Ибар во Митровица.
Во последните две децении комплексот околу „Високи Дечани“ беше цел на неколку напади со ракетни гранати и минофрлачи, а во негова близина во повеќе наврати се одржуваа и протести на локални албански групи. Дополнителна напнатост околу манастирот предизвика и долгогодишниот имотен спор за 24 хектари земјиште, кој со одлука на Уставниот суд на Косово беше решен во полза на манастирот во 2024 година, како и плановите за изградба на магистрален пат низ заштитената зона.
Манастирот е изграден меѓу 1327 и 1335 година од српскиот крал Стефан Урош Трети Дечански и претставува еден од најзначајните споменици на средновековната архитектура на Балканот. Од 2004 година „Високи Дечани“ се наоѓа и под заштита на УНЕСКО како дел од светското културно наследство.(МИА)

Македонски


