Skip to main content
OGgkEQmloqY

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и Младеновска да одговорат зошто со години молчеле за водата во Гостивар

Pixabay

ВМРО-ДПМНЕ бара Венко Филипче и Рената Младеновска да одговорат зошто, според партијата, со години не било постапено по информациите за проблеми со квалитетот на водата за пиење во Гостивар.

Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар, Мартин Андоновски, на денешната прес-конференција обвини дека лицата кои во изминатиот период имале политичка и институционална моќ сега се обидуваат да ја префрлат одговорноста за состојбата.

„Филипче и Рената Младеновска треба веднаш да кажат зошто со години молчеле за загадената вода во Гостивар“, порача Андоновски.

Тој праша зошто, како што тврди, не било постапено по повеќе од 400 извештаи кои укажувале на проблеми со квалитетот на водата.

„Наместо денес да морализираат, треба да одговорат зошто не постапиле по добиените над 400 извештаи кои укажувале на загадена вода?“, рече Андоновски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека граѓаните на Гостивар треба да добијат одговори за тоа што се случувало во изминатите години и зошто, според нив, не биле преземени соодветни институционални мерки.

„Гостиварци мора да дознаат зошто биле труени со години, а СДС и Филипче не презеле никакви чекори“, изјави Андоновски.

Тој истовремено ја посочи реакцијата на актуелната Влада по појавата на проблемот со водата, наведувајќи дека за граѓаните биле обезбедени техничка вода и флаширана вода за пиење.

„За среќа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интервенираше за граѓаните да добијат техничка вода и флаширана вода за пиење. Но паралелно со решавањето на актуелната состојба, мора да се расчисти и минатото“, рече Андоновски.

Од партијата побараа надлежните институции да ги испитаат наводите и документацијата што, како што велат, била презентирана во јавноста.

„Затоа го повикуваме ЈО да отвори случај по допрен глас и да ги истражи документите кои ги споделивме во јавноста“, порача Андоновски.

Поврзани вести