Skip to main content

Почнува шестото издание на книжевниот „Јес фестивал“ во Скопје

Од 14 до 20 мај во Скопје ќе се одржи шестото издание на книжевниот и културен настан „Јес фестивал“, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“. Настанот ќе се одвива на седум локации и вклучува книжевни вечери, промоции, изложби и креативни работилници за деца.

Како што стои во соопштението на „Чудна Шума“, гости на годинешниот фестивал ќе бидат автори од Европа, меѓу кои Хеа Схутерс (Белгија), Рудина Чупи (Албанија), Самира Кентриќ (Словенија) и Ванда Чижмек (Хрватска), како и 12 македонски писатели.

Годинава „Јес фестивал“ има најбогата програма и најмногу гостувања на познати европски автори. Единствено ни е жал што украинскиот писател за деца и млади Иван Андрусјак во последен момент мораше да го откаже патувањето, но се надеваме дека ќе ни се приклучи на есенското издание на фестивалот – стои во соопштението.

Отворањето е закажано за 14 мај во галеријата „Чудна шума“ со настанот „YES за кратка проза“, каде што свои дела ќе читаат повеќе македонски автори. Вечерната програма во следните денови предвидува промоции на романот „Трофеј“ и графичкиот роман „Адна“ во кафе „Долап“, претставување на едицијата „Планета НАДЕЖ“ и групна изложба на македонски уметници.

Детскиот сегмент од фестивалот вклучува серија читачки и креативни работилници кои ќе се реализираат во Младинскиот културен центар (МКЦ), каде што ќе се одржи и мал саем на книги, како и во креативното студио „Умна Куќа“ и во објектите на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Фестивалот ќе биде затворен на 20 мај со настан по повод тригодишнината на кафе-книжарницата „Чудна шума“.

Поврзани вести