Skip to main content

Ново издание од „Илика“ за Саемот на книга во Скопје

Издавачката куќа „Илика“ ја објави книгата „Петромажественост/ Енергија и доминација“ од Кара Дагет, две научни статии што ја истражуваат поврзаноста меѓу фосилните горива, родот и современите авторитарни политики. Преводот од англиски јазик на изданието е на Андријана Папиќ Манчева.
Книгата го воведува концептот на „петромажественост“, поим што ја опишува длабоката врска меѓу системите на фосилни горива и патријархалните структури на моќ. Преку оваа анализа, Дагет покажува дека зависноста од фосилни горива не е само економско прашање, туку и културна и политичка формација што ги обликува идентитетите и ја одржува доминацијата, особено во контекст на современите авторитарни движења. Книгата ја отвора можноста климатската криза да се разбере како простор каде што се преплетуваат енергијата, политиката и родовите односи, укажувајќи на потребата од поинакви, поеднакви и одржливи општествени модели.

Кара Дагет е истражувачка во полето на енергетската и еколошката политика низ призмата на интерсекцискиот феминизам и историјата на империјализмот. Од 2017 година е дел од одделот за политички науки на Virginia Tech, каде што работи како професорка. Во периодот 2023–2026 е поврзана со истражувачкиот институт за одржливост на Универзитетот во Потсдам, а денес делува како истражувачка на Универзитетот во Хамбург, посветена на темата „иднини на одржливоста“. Авторка е на дваесетина научни статии, како и на наградуваната книга „Раѓањето на енергијата: фосилните горива, термодинамиката и политиката на работата“ (2019), а активно учествува и во јавни дебати преку предавања, поткасти и соработка со уметници и архитекти.

Книгата ќе биде достапна и на Саемот на книга од 23 до 29 април, а потоа и во кафе-книжарницата „Илика“, како и во другите книжарници низ Скопје.

Поврзани вести