
Од 1-3 јуни, студентите од Факултетот за драмски уметности го организираат третото издание со порака „Join the playground / Придружи се на игралиштето“ на меѓународната студентска филмска платформа „ХАЈ-ФАЈ“.
„ХАЈ-ФАЈ“ е меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти. Истата служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци.
Во свет што нѐ тера да пораснеме премногу брзо, третото издание на студентската филмска платформа ХАЈ-ФАЈ ве поканува да направите пауза и повторно да го откриете игралиштето, пишува Мартина Петреска, програмската координаторка на „ХАЈ-ФАЈ“
Програмата за третото издание ќе започне со проекции на националната селекција на студентски филмови кои бројат вкупно 13 филмови. Настан посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од Факултетот за драмски уметности, како и колеги од останати факултети кои се пробале во филмска продукција. 13-те режисери и режисерски се Јана Голабоска, Бојана Миовска, Леона Јариќ, Мартин Темков, Борјан Гаговски, Марија Петреска, Ивона Георгиева, Никола Јовановиќ, Виктор Јовев, Теодора Најдовска, Дарко Ѓуровиќ, Михаел Каровски и Ксенија Мано. По проекциите следува сесија на прашања и одговори со дел од авторите, како и музичка програма со диџеј сет на Љубен Дерибан.
Вториот фестивалски ден ќе започне со панел дискусија каде ќе се отвори една поширока тема за нашата локална култура – „Telling DIY stories“ со Батухан Ибрахим, Андреј Медиќ, Анастасија Павловска и Борјан Гаговски. Ќе се зборува за правење филм со 0 буџет, правење филм со 0 искуство, децентрализирање на култура со градење на заедница и независно промовирање на култура. Понатаму ќе ја проследиме меѓународната селекција на филмови. Истата брои седум студентски кратки филмови, од колегите од Србија, Бугарија, Словенија и Италија.
Третиот фестивалски ден е посветен на еден од најактулените режисери периодов. Со особена чест и задоволство ја најавуваме специјалната проекција за ова издание на „ХАЈ-ФАЈ“ – „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски. Приказна за 15-годишно момче од далечно јуручко село кое наоѓа прибежиште во музиката додека се справува со очекувањата на неговиот татко, конзервативната заедница и своето прво вљубување – девојка која веќе е ветена на друг. По проекцијата следува „Telling stories“ со режисерот каде публиката ќе може да се вклучи во разговорот.
Годинава се доделуваат две награди, по една за двете селекции. Жири комисијата во состав Илија Циривири, Георги М. Унковски, Дарко Јовчевски ќе одлучува за најдобрите филмови кои воедно ќе бидат и селектирани за следното, осмо издание на фестивалот на музика и филм „Ѕирни“.
Музичката ОФФ програма годинава ќе биде поддржана од страна на Љубен Дерибан, Стефан Сазданоски и Мариго Антов.
Влезот за сите настани е слободен. Целосната програма и распоред се достапни на социјалните мрежи на ХАЈ-ФАЈ и Академска сцена.
Ова издание на ХАЈ-ФАЈ е финансиски поддржано од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а реализирано во соработка со КОТУР кафе и филм и фестивалот на филм и музика ЅИРНИ.

Македонски


