
Третото издание на Панукла сесии ќе се одржи на 29 мај (петок), со почеток од 21:30 часот, во Јавна соба, каде публиката ќе има можност да проследи две различни формации од актуелната скопска џез, авангардна и импровизирана музичка сцена. Влезниците за настанот чинат 200 денари, односно 100 денари за студенти.
Програмата ги обединува дуото НАМУЗ, составено од Андреј Татарчевски (електрична гитара и ефекти) и Кристијан Новковски (тапани), како и неконвенционалното трио Филип Букршлиев (електрична гитара), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Нинослав Спировски (кларинет и саксофон).
НАМУЗ е ново ехо од плодното скопско музичко подземје. Нивната музика претставува фино контролирана бучава што се движи помеѓу искршен мат рок, расипан џез, пост-ноиз рок и електронски рок за техно отпадници. Нивните настапи звучат како постојана тензија помеѓу ритамот, дисторзијата и распадот на формата, избегнувајќи јасна жанровска класификација.
Од друга страна, триото Букршлиев/Хаџи Коцев/Спировски создава музика што се движи помеѓу амбиентален џез, дрон и слободна импровизација. Нивниот пристап се базира на внимателно градење атмосфера, суптилни звучни поместувања и колективна интеракција, што постепено се расплинува во густи и меланхолични звучни пејзажи. Нивната музика повеќе наликува на ноќна прошетка низ празно и сиво Скопје отколку на класичен концертен формат.
Панукла сесиите се замислени како простор за средба помеѓу музичари, слушатели и идеи – место каде музиката се случува како процес, ризик и дијалог во реално време.
Панукла е архаичен збор, кој најчесто се користи во југозападните делови на Македонија, особено во Преспа. Зборот има корени од грчкиот јазик и буквално значи чума, иако се користи и за означување на проклетство, несреќа, штета, голема беља, па дури и паранормално демонско присуство. Старите преспанки, кога чуваа палави внуци од метрополата, љубеа да се жалат: „Шо ќе беше љуѓе та панукла?!“ или „Ма вате панукла!“
Во овој контекст ние зборот го извртевме на Деридаовски начин. Панукла сесиите се замислени како периодични настани, на кои ќе се претставуваат формални и неформални состави, кои љубат да практикуваат музика во која немирниот дух, игровноста, презирот кон институционализираните музички калапи, музиката со отворени краеви и слободната импровизација ќе бидат земани како главни водилки при нивните настапи.
Дизајн на постер: Кристијан Новковски (@beamoff.art)

Македонски



