Skip to main content

Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата

СВП

Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на Струшките вечери на поезијата. Одлуката ја донесе тричлена жири-комисија во состав: Стефан Костоски (претседател), Никола Ѓелинчески (член) и Пепи Стамков (член).

„Песната „Студ“ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Сликите на месечини што висат од прстите, напукнати коски и облаци над планините ја претвораат природата во огледало на внатрешниот свет. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на оваа песна има мешавина од спротивности: тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина. „Белите океани“ симболизираат и минато и иднина, а последната слика – студот на друго лице што студи на своето – ја нагласува блискоста и оддалеченоста што постојат истовремено. Лирична и искрена, песната ја носи борбата со сопствената тежина, но и потрагата по светлина и возвишеност“, стои во одлуката на жири-комисијата.

64-тите Струшки вечери на поезијата завршија синоќа со меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка , „Браќа Миладиновци“ на македонската поетеса Јулија Величковска и „Мостови на Струга“ на поетот Матеуш Шимчик од Полска.

Поврзани вести