![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/12/lisici-1.jpg)
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против осум лица за убиството во Чаир, а за четири лица бара притовр. Против шест лица се води истрага за учество во дејствија на кривичните дела убиство и обид за убиство при престрелката што се случи ноќта меѓу 10 и 11 февруари. Уште две лица се под истрага за помагање по извршување на кривичното дело, затоа што по настанот сокриле два пиштоли, помагајќи на дел од осомничените да не бидат откриени.
„На паркинг на улицата Втора македонска бригада, по претходна вербална расправија поради сообраќајно недоразбирање кај поликлиниката ‘Чаир‘, започнала вооружена престрелка помеѓу две групи, при што првоосомничениот 28-годишник со употреба на огнено оружје и со умисла го лишил од живот оштетениот Хебиб Буњаку и го довел во опасност животот на уште едно лице. Уште петмина осомничени директно учествувале во престрелката со помагање и соизвршителство во убиство и обид за убиство. Последните двајца осомничени по престрелката сокриле два од пиштолите користени во оружениот инцидент“, велат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител предложи мерка притвор за двајца осомничени за убиство и обид за убиство, како и мерка куќен притвор за уште еден од осомничените. Притвор е предложен и за двајцата осомничени за кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело.
По три лица полицијата сѐ уште трага. Се преземаат и натаму дејствија за целосно расчистување на настанот.