Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Индустриското производство со раст од 7,6 проценти за една година, резултат на сериозните економски политики на Владата

Freepik

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во 2026 година бележи раст од 7,6% во однос на 2025 година, при што целокупната економска активност останува во позитивна зона, со раст од 0,2%. Ова е резултатот на економските политики на Владата, насочени кон конкретна и реална поддршка на домашните компании. Преку оваа поддршка расте производството, се зголемува индустрискиот промет, се поттикнува економската активност и континуирано се отвораат нови работни места ширум земјата, оценува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.

Носител на овој раст е преработувачката индустрија, секторот кој создава најголема додадена вредност и претставува главен двигател на економскиот развој и на извозот. Домашните компании имаат капацитет да растат, да вработуваат и да освојуваат нови пазари, кога им се обезбедени соодветни услови за работа.

Клучна алатка зад овие резултати е кредитната линија од 230 милиони евра, која Владата ја обезбеди како силна финансиска поддршка за стопанството. Овие средства веќе се во нови инвестиции, нова опрема, поголемо производство и проширени капацитети кај домашните претпријатија, што е конкретен доказ дека мерките на Владата директно се префрлаат во реалниот сектор и даваат опипливи резултати.

Зад овие бројки, кои не се само статистика, стојат отворени работни места, зголемени плати и компании кои растат. Тоа е потврда дека насоката е вистинска и дека македонската економија чекори кон поголема стабилност и конкурентност.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со ваквата поддршка на домашната економија, на македонските компании и на македонските работници, бидејќи токму на овој начин се обезбедува повисок животен стандард, повисоки плати и посилна економија за сите граѓани, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Поврзани вести