
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и главниот извршен директор на Македонски Телеком Горан Марковиќ денеска потпишаа Меморандум за разбирање којшто предвидува проширување на 5Г мрежата, поврзување на нови 10.000 домаќинства и компании со гигабитни фиксни мрежи, сајбер безбедност и поддршка на дигитални вештини во образованието.
Како што посочи Андоновски, потпишувањето на овој Меморандум за разбирање ќе придонесе кон продлабочување на меѓусебната поддршка и подигнување на соработката на едно повисоко ниво со јасно дефинирани цели и заедничка одговорност. На средбата, исто така, Андоновски нагласи дека било разговарано во врска со плановите за изградба на Дата центар.
– Македонски Телеком, како водечки приватен инвеститор во дигиталната инфраструктура и истовремено компанија со државен капитал, ќе се посвети на инвестиции со кои ќе обезбеди поврзување нови 10.000 домаќинства и компании со гигабитни фиксни мрежи, ќе ја прошири покриеноста со 5Г мрежата, а како што разговаравме во план е и изградба на Дата центар. Ова партнерство не е само инвестиција во инфраструктура и во сервери, туку инвестиција во луѓето. Во рамки на овој Меморандум предвидуваме и активности за дигитална писменост, сајбер безбедност, поддршка на дигитални вештини во образованието и опрема во основните училишта. Од страна на Владата се обврзуваме на создавање на деловно опкружување и правна сигурност, кои поттикнуваат инвестиција, транспарентност и забрзани процедури за изградба на новата генерација дигитална инфраструктура со новите измени на законите за дигитализација, поддршка за изградба на мрежи во рурални средини и стимулирање на јавно-приватни проекти, рече Андоновски.
Вели дека дигиталната трансформација претставува општествена обврска за напредок и развој на државата, бидејќи, како што рече, секоја нова онлајн услуга значи еден шалтер помалку. Визијата, посочува, е дигитализацијата да не ги оддалечува институциите од граѓаните, туку да создаде доверба и предвидливост.
– Дигиталната трансформација за нас не е технолошка агенда со еднострана цел. Таа е општествена обврска за напредок и развој. Секоја нова онлајн услуга значи еден шалтер помалку, еден ден помалку чекање, една можност повеќе за граѓаните да го искористат своето време подобро со семејството, со пријателите или во компаниите. Наша визија е дигитализацијата да не ги оддалечува институциите од граѓаните, напротив, да ги приближува, да создаде доверба, предвидливост и достоинство во секое административно искуство. Со вакви партнерства покажуваме дека Македонија може да гради дигитална иднина што не ги заборава луѓето, рече Андоновски.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Марковиќ, во своето обраќање посочи дека низ годините во државата Телеком има инвестирано 1,15 милијарди евра во инфраструктура и иновативни решенија. Марковиќ нагласи дека до 2028 година, исто така, ќе бидат инвестирани 40 милиони евра во инфраструктура, дигитална трансформација на фирмите и клучните јавни услуги, како и во Центарот за податоци.
– Дојче Телеком е присутен во земјата преку Македонски Телеком 25 години, не само како оператор, туку и како партнер којшто поттикнува напредок. Во текот на годините изградивме најголема 5Г фибероптичка мрежа и инвестиравме 1,15 милијарди евра во инфраструктура и иновативни решенија. Денеска со македонската Влада ја потврдуваме заедничката цел за дигитална трансформација и проспиритет на земјата. Како партнери, подготвени сме да се движиме напред, се согласивме на идни активности и конкуренција. До 2028 година, ќе бидат инвестирани 40 милиони евра во инфраструктура, дигитална трансформација на фирмите и клучните јавни услуги, како и во нашиот Центар за податоци. Преку овие инвестиции, задоволни сме да имаме важна улога во општеството, а соработката со Владата ни овозможува да ги усогласиме нашите иницијативи со државните цели, обезбедувајќи нашиот раст да придонесе кон поширокиот општествен развој, рече Марковиќ.