
Четири компании поднеле понуди на повторениот тендер за набавка на електрични автобуси за јавниот превоз во Скопје и во другите градови низ државата, информира денеска министерот за транспорт Александар Николоски.
Тој најави дека извештајот од евалуациската комисија се очекува во понеделник, по што јавноста ќе биде запознаена со резултатите од постапката.
„Утрово добив информација дека во понеделник ќе го добијам извештајот. Четири компании аплицирале, а во понеделник јавно ќе ве запознаеме со извештајот и со наодите во него. Искрено се надевам дека овој пат повикот ќе биде успешен и ќе овозможи набавка на автобусите. Верувам дека искуствата од претходниот повик беа поука и за компаниите да подготват поквалитетна документација“, изјави Николоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Кисела Вода.
Повторениот тендер заврши во понеделникот, а пристигнатите понуди во моментов ги разгледува евалуациска комисија составена од експерти од Министерството за транспорт и од Машинскиот факултет.
Постапката беше повторена откако претходниот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење беше поништен.
Според планот, 100 електрични автобуси се наменети за јавниот превоз во Скопје, додека преостанатите 50 ќе бидат распределени во други градови низ државата.

Македонски



