Skip to main content

Здружението на Македонци по потекло од Албанија „Зошто” официјално почна со работа

Здружението на Македонци по потекло од Албанија „ЗОШТО„ со седиште во Ресен, со усвојување на Статутот и доделување на првите членски книшки, официјално ја почна својата активност.

– Со овој чин, официјално започнува активното делување на нашето здружение „ЗОШТО“, кое има за цел да ја афирмира и зајакне улогата на Македонците по потекло од Албанија, нивната културна, јазична и национална припадност, информираше претседателот Панди Јани.

Најави дека во следниот период, Здружението ќе продолжи со организирање средби во повеќе градови низ државата, со цел афирмација, обединување и поддршка на Македонците по потекло од Албанија.

– На сите присутни членови, основачи и поддржувачи им  упатувам благодарност за нивната посветеност и визија во градењето на оваа важна организација, која ќе работи со љубов, обединување и гордост за нашето македонско потекло, посочи Јани.

Здружението беше регистрирано  на 25 септември, а негова мисија е афирмација на македонската култура и идентитет,  а името е инспирирано од книгата на еден од најпознатите писатели во Албанија со македонско потекло, Стерјо Спасе. 

– Здружението ќе биде партнер на сите организации и институции кои работат за афирмација на македонската кауза. Акцентот ќе биде ставен на младите генерации, културната размена и зачувувањето на националната меморија преку истражувања, јавни трибини и издавачка дејност, потенцира за МИА, Панди Јани.

Поврзани вести