
Песочните мушички, мали инсекти што се хранат со крв и на тој начин пренесуваат заразни болести, меѓу кои и лајшманиоза, се присутни и во Србија, поради што се важни вниманието и заштитата, пренесува Б92.
Песочните мушички, односно флеботомини или папатачи, се мали инсекти, до три пати помали од комарец. Живеат во топлите предели на Медитеранот и јужна Европа, а денес, како последица на климатските промени, се шират и кон посеверните краеви, меѓу кои е и Србија.
Овие ситни инсекти се хранат со крв и така пренесуваат заразни болести, вклучувајќи ја и лајшманиозата, поради што се значајни за јавното здравје.
Системот за рано предупредување КЛИМОС е создаден врз основа на повеќегодишни истражувања, кои опфатиле развој на климатски модели базирани на историски податоци, како и теренска работа во текот на 2023 и 2024 година, кога биле собрани и анализирани нешто повеќе од 94.000 песочни мушички и заразни патогени што тие ги носат.
Резултатите покажуваат дека песочните мушички се сè поприсутен преносител на различни зарази, како во Србија, така и низ Европа.
Важно е да се напомене дека песочните мушички и претходно постоеле во овие краеви. Меѓу другото, зарази што ги пренесуваат овие инсекти биле забележани во годините по Првата и Втората светска војна. Поради промената на климата, се создаваат сè поповолни услови за нивно ширење и размножување.

Македонски



