
Делчевката д-р Сања Пановска, научник која го истражува магнетното поле на Земјата и е дел од „ГФЗ Хелмхолдс“ центарот за геонауки во Германија, денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.
Како што информираа од Општина Делчево, на средбата било истакнато дека Делчево е расадник на млади и успешни луѓе кои со своето знаење, труд и посветеност успеваат да изградат значајни кариери и да бидат препознаени на меѓународно ниво.
Градоначалникот Гоцевски посочи дека успехот на д-р Пановска претставува инспирација за младите генерации во Делчево и доказ дека од овој крај произлегуваат луѓе кои можат да дадат значаен придонес во современата наука и општеството. Во разговорот беше потенцирана и потребата институциите да продолжат со поддршка на младите, образованието и создавањето услови за развој на нови успешни приказни кои ќе го афирмираат Делчево и во иднина“, истакнаа од Општина Делчево.

Биографијата на д-р Пановска, како што наведуваат од Општината, е исклучително богата. Таа дипломирала физика во Скопје, магистрирала геофизика во Штип, докторирала на ЕТХ Цирих, а постдокторските студии ги завршила на Универзитетот Калифорнија. Денес е лидер на истражувачка група во Германскиот центар за геофизика во Потсдам и управува со европски проект вреден два милиони евра.
Во 2025 година берлинскиот весник „Тагесшпигел“, како што додаде градоначалникот Гоцевски, ја вброил меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин.
Нејзиното поле на истражување е геомагнетизмот, односно проучувањето на магнетното поле на Земјата, неговите промени низ историјата, екскурзиите и преобртите. Овие истражувања имаат директно влијание врз космичкото зрачење, климата и технологиите што зависат од навигацијата и комуникацијата“, дополни Гоцевски.
Д-р Пановска е и наратор на документарниот филм Магнетен Мозаик, награден од УНЕСКО во категоријата „Жени во науката“. Автор е и на детската книга Мојата Земја, преведена на повеќе јазици, а работи и на едукативен проект со загатки и игри наменети за деца од три до осум години, со цел нивно запознавање со геонауките.

Македонски


