
– Тренерот на Барселона, Ханси Флик, беше вознемирен од неколку судиски одлуки во поразот на неговиот тим од Интер со 4-3, што ги спречи Каталонците да стигнат до своето прво финале на Лигата на шампионите по една деценија, по голот во продолжението што го постигна италијанскиот резервен играч Давиде Фратеси.
Флик го критикуваше полскиот судија Шимон Марчињак, кој имаше многу работа во реваншот на стадионот „Џузепе Меаца“ од полуфиналето на најпрестижниот европски клупски фудбалски турнир, при што Интер се квалификуваше за финалето со вкупен резултат од 7:6 и го чека победникот од другиот полуфинален дуел помеѓу Париз Сен Жермен или Арсенал.
Марчињак досуди пенал за Интер по прегледот на ВАР системот за прекршок на Пау Кубарси врз Лаутаро Мартинез, а подоцна ја смени својата одлука откако сигнализираше пенал за Барселона по прекршок на Хенрих Мхитарјан врз Ламин Јамал, кој беше досуден веднаш на работ од шеснаесетникот.
Фудбалерите на Барселона и членовите на клупата, исто така, се пожалија на она што го нарекоа играње со рака во шеснаесетникот од страна на дефанзивецот на Интер, Франческо Ачерби, и на прекршок од страна на Дензел Дамфрис врз Жерар Мартин пред израмнувањето што доведе до продолженија.
-Не сакам премногу да зборувам за судијата, но секоја одлука што беше 50:50 беше одлучена во корист на Интер. Разочаран сум, но не од мојот тим. Тие пробаа сè. Така е. Испаднавме, но следната година ќе се обидеме повторно да ги направиме навивачите среќни. Ова ме растажува… Мојот тим одлично си ја заврши работата. Не сакам да зборувам за судијата… Му кажав што мислам, но нема да го кажам тука, рече Флик на прес-конференцијата по натпреварот.
Барселона бркаше тројна круна по освојувањето на Купот во Шпанија, но сега ќе го насочи вниманието кон Ла Лига, каде што е на врвот на табелата, а во недела ќе го пречека својот најголем ривал Реал Мадрид, кој заостанува четири бода, а остануваат уште четири кола до крајот на сезоната.
Петкратниот освојувач на Лигата на шампионите се надеваше дека ќе стигне до своето прво финале по една деценија, но беше разочаран пред неделното „Ел Класико“. Непоразена дома од крајот на декември, Барселона ќе се обиде да ја оствари четвртата последователна победа над Реал оваа сезона.
-Ќе научиме од она што се случи. Сакаме да продолжиме да учиме. Немаме многу време за тренинг сега, но се враќаме следниот викенд. Нормално е да бидеме разочарани. Тимот заслужува почит. Играме за да победиме. Сакаме да освојуваме титули и пред нас е многу тежок натпревар во Ла Лига. Имаме неколку дена да се подготвиме за овој натпревар. Секој играч, кога ќе се врати дома, може да се погледне во огледало и да биде горд на себе. Ќе го анализираме натпреварот мирно и ќе видиме што можеме да направиме, заклучи тренерот на Барселона