
Англиските музички легенди „Битлси“ ќе добијат сопствен музеј во Лондон, кој ќе ги отвори своите врати за обожавателите во 2027 година. Музејот ќе биде сместен во зграда во која групата го одржа својот последен јавен настап на 30 јануари 1969 година. Воедно, зградата претставувала и седиште на Битлси во периодот меѓу 1968 и 1972 година, каде што е снимен и нивниот последен албум „Let It Be“.
Важно е обожавателите на Битлси да имаат официјално место во Лондон поврзано со историјата на бендот, изјави Пол Макартни за Би-би-си. Туристите доаѓаат во Англија и можат да ги посетат студијата на „Еби Роуд“ (Abbey Road), но не можат да влезат внатре и често има голем метеж на улицата. Затоа сметам дека ова е одлична идеја, додаде Макартни.
Иницијативата е од британската мултимедијална компанија „Епл корпс“, со цел да создаде специјален музејски простор посветен на членовите на бендот. Во музејот ќе бидат изложени досега необјавените дела, како и различни тематски изложби. Ќе се изврши и реконструкција на оригиналното студио во кое групата работела, при што посетителите би имале можност повторно да го доживеат познатиот „концерт на покривот“, одржан во 1969 година.
Беше навистина посебно чувство повторно да се вратиме на „Савил роу 3“ и да ја разгледаме зградата. Внатре има толку многу значајни спомени. А да не зборуваме за покривот. Тимот има осмислено навистина импресивни планови и едвај чекам луѓето да ги видат кога ќе бидат реализирани, изјави Макартни.
Последниот настап на Битлси е прикажан и во филмот на режисерот Питер Џексон „Враќањето на Битлси“.
МИА

Македонски

