
Музеј во Источна Франција во неделата, на 31 мај, пријави во полиција кражба на бананата, контроверзното уметничко дело „Комичар“, вредно повеќе милиони долари на италијанскиот визуелен уметник Маурицио Кателан. Чуварот во саботата забележал дека недостига бананата залепена на ѕид со леплива лента, пренесува „Ле Монд“.
Музејот „Помпиду-Мец“, кој е дел од мрежата на познатиот Центар „Помпиду“ во Париз, соопшти дека поднел кривична пријава против непознат сторител. Од музејот додаваат дека бананата веднаш била заменета со нова.
Ова не е првпат да биде оштетено концептуалното дело „Комичар“, чиј централен елемент, бананата, се заменува на секои три дена за да остане свежа. Во јули минатата година, посетител на музејот ја изел бананата, по што чуварите брзо поставиле нова како замена.
Тогаш Кателан изјави дека е разочаран што посетителот ја изел само бананата, а не и лепливата лента. Во тој случај музејот не презеде правни мерки. Овој пат, сепак, е поднесена кривична пријава бидејќи сторителот не е познат, па, како што наведуваат од музејот, „нема можност за дијалог“. Од таму додаваат дека ова е втор ваков инцидент и дека станува збор за прашање на почит кон уметничкото дело.
Креацијата на Кателан, која го преиспитува поимот за уметноста и нејзината вредност, предизвикува дебати уште од нејзиното претставување на саемот „Арт Базел“ во Мајами Бич во 2019 година, кога беше понудена по цена од 120.000 долари. Истата година, перформанс-уметникот Давид Датуна ја изеде бананата од делото, објаснувајќи дека бил гладен.
Вредноста на делото во меѓувреме значително порасна. Џастин Сан, основач на платформа за криптовалути роден во Кина, во 2024 година плати 5,2 милиони долари за една верзија од „Комичар“, а неколку дена подоцна ја изеде бананата пред камерите во Хонг Конг.
Покрај „Комичар“, Кателан е познат и по својата 18-каратна, целосно функционална златна тоалетна школка наречена „Америка“, која му беше понудена на Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат во Белата куќа.
Вишиот суд во Велика Британија во март годинава прогласи двајца мажи за виновни за кражбата на ова дело, извршена за време на изложба во 2020 година. Златната школка била исечена на делови, а ниту едно парче од златото никогаш не беше пронајдено.

Македонски


