
Македонскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски ќе се натпреварува за награда на Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин, еден од најпрестижните филмски фестивали на светско ниво. Филмот е дел од селекцијата „Перспективи“ која опфаќа исклучителни филмски таленти ширум светот кои дебитираат на интернационалната филмска фестивалска сцена. Оваа селекција на филмови е од компетитивен карактер, а дава особена важност на уникатните перспективи со храбар кинематографски израз.
Како што информира „Црна мачка продукција“, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири, кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
За домашната кинематографија, учеството на македонски филм во ваква светски афирмирана селекција значи потврда дека нашата земја продолжува да биде расадник на филмски таленти кои ја обликуваат модерната македонска кинематографија и ја промовираат Македонија надвор од границите на земјата, на светско ниво.
Филмот “17” претставува авторски крик за будење на општеството. Темата на филмот директно ги третира проблемите на новите генерации, кои не сакаме да признаеме дека постојат. Успехот на филмот кој, несебично го очекував уште во фазата на неговите подготовки, се случи. Селекцијата во програмата “Перспективи“ на Берлинале е потврда дека навистина на филмот му претстои светла иднина. Соработката со Косара Митиќ на нејзиниот долгометражен првенец и младата актерска екипа, потврдуваат дека македонскиот филм може и има потенцијал.“ – изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.

Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Од самиот почеток знаев дека ова не е приказна што можам да ја „прифатам“, посебно на мојот прв долгометражен филм. Вистинскиот настан зад “17“ носи тежина надвор од киното, па затоа мојата прва одговорност беше етичка, а не уметничка. Формално, се спротивставив на сензационализмот, работејќи наместо тоа со отсуство и воздржаност. Она што останува невидено или неискажано одразува како насилството често се нормализира или игнорира. Филмот не нуди одговори – тој ја замолува публиката да преземе одговорност за тишините што сè уште постојат. Благодарам пред се на актерската екипа која не само професионално, туку и лично длабоко навлезе во рољите пред камерата“, изјави Косара Митиќ, Режисер на “17“.
Сценариото за “17“ е инспирирано од настан, од реалниот живот. Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал.
Продукцијата на филмот започна во Април, 2024 година. Снимањето беше реализирано во Скопје Битола и на други локации низ државата.
Меѓународната продажба на филмот ја преземаат реномираните Tотем Филмс со седиште во Париз, кои низ годините успешно пласираат филмски дела на автори коишто отвораат нови перспективи, поттикнуваат емоции и размисла.

Актерска екипа:
Ева Костиќ Мартина Даниловска
Даме Јовески Ева Стојчевска Петар Маниќ
Јован Тодоров Ирена Димеска Мина Јелушиќ
Луна Бејков Христијан Ристески Алина Христовска
Жаклина Стефковска Дрнасин Оливер Митковски Ана Стојановска
Сашко Коцев Александра Пешевска Симеон Дамевски
Авторска екипа:
Режија: Косара Митиќ
Продуцент: Томи Салковски
Сценарио: Косара Митиќ, Огњен Свиличиќ
Кородуценти: Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ, Лија Погачник
Кинематографер: Наум Доксевски
Монтажер: Владимир Павловски
Сценографија: Дејан Ѓошевски, Александра Чевреска
Костимограф: Жаклина Крстевска Караѓозоска
Шминка и фризура: Анѓела Стојановиќ, Карла Лазиќ
Инженер за звук: Аљаж Лукан
Косара Митиќ е родена 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек Филмска и ТВ режија во 2013 година во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

Томи Салковски е роден во 1971 во Скопје. Дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1996 година, кадешто ќе магистрира во 2015 година. После дипломирањето, активно работи како кинематографер, а подоцна и како продуцент и има воспоставено долгогодишна соработка со филмски автори, продуценти и фондови од регионот и Европа. Во своето портфолио вклучува играни и документарни, долгометражни и кратки филмови, дела на докажани автори, но и на млади таленти, прикажани и на големите светски фестивали. Томи Салковски е член на различни граѓански здруженија кои се залагаат за професионално усовршување и подобар општествен живот.
Продукцијата „Црна мачка“ е формирана во 2015 година, со првична замисла да развива и реализира дела на млади автори во подем, за почеток фокусирајќи се на кратките играни и документарните филмови. Целта на Црна Мачка Продукција е да им помогне на сценаристи и режисери од поновите генерации да ги прикажат своите креативност и талент, овозможувајќи им да ги реализираат нивните идеи и концепти. До сега, има продуцирано неколку филмови, кои успешно се претставија и беа наградени на некои од најголемите светски фестивали, меѓу кои: малцинските копродукции УЛИШТЕ (2021) во режија на Блерта Башоли, трикратно награден на Филмскиот фестивал Санденс во САД и ЛЕТЕЧКИОТ ЦИРКУС (2019) во режија на Фатос Бериша, краткиот документарен филм КАМЕНА ГРАДИНА (2018) во режија на Даријан Пејовски, и кратките играни филма ЦРВЕНАТА СОБА, режија на Косара Митиќ и ВИДИ ЈА ТИ НЕА на Горан Столевски, прикажан и наградуван на над 30 значајни филмски фестивали во светски рамки.

Македонски




