
Со проекција на филмот „Забранетиот град“ во режија на Габриеле Маинети, снимен оваа година, од денеска до 13 декември ќе се одржува третото издание на „Cinema Made in Italy” – филмска ревија посветена на најголемите хитови на современата италијанска кинематографија.
Ревијата е организирана од Cinecittà, една од најважните европски филмски и фотографски архиви, во соработка со Италијанскиот институт за култура во Белград и со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје.
Во текот на четирите ревијални вечери ќе бидат прикажани филмови излезени во киносалите во текот на оваа година, најнови остварувања на афирмирани или нови режисерски имиња, селектирани и претставени на најпрестижни филмски фестивали.
Проекциите ќе се одржат во „Синеплекс“ во Скопје Сити мол и ќе почнуваат во 20 часот. Филмовите ќе бидат со превод на македонски, а влезот ќе биде бесплатен, информира Амбасадата на Италија.
Во рамки на програмата, утре ќе биде прикажан филмот „Три чинии“ во режија на Исабел Коишет, в петок – „Грабнувањето на Арабела“ во режија на Каролина Кавали и в сабота филмот „Една учебна година во режија Лаура Самани со кој ќе заврши филмската ревија „Cinema Made in Italy”.
За архивот Cinecittà, Амбасадата наведува дека е „чувар на прочуениот „Archivio Luce“ (Архив Луче) — визуелно наследство впишано во листата на УНЕСКО „Сеќавања на светот“ (Memory of the world Register)“.
-Управува и со познати филмски студија и ја промовира италијанската кинематографија ширум светот како член на European Film Promotion (EFP), се наведува во соопштението.

Македонски







