
Да не избрзуваме, но мислам дека СДСМ веќе можеме да го гледаме како збир на регионални фракции, кои тешко да се обединат во догледно време. Трендот го почна Максо во Куманово, го продолжи Манулач во Струмица, а јасно е дека ниту Скопје нема да остане покусо. Поранешниот градоначалник Шилегов е дистанциран од партијата, повеќе видни поранешни функционери се гласно критични кон Филипче, кој веќе нема што да им вети за да ги придобие. Надежите на СДСМ беа дека ДУИ ќе победи на изборите, ќе издејствува влез во Владата, ќе почне одвнатре да притиска за отстапки кон Бугарија и ќе направи доволно голема политичка криза за и СДСМ да биде внесен во некаква Влада на национален спас – односно Влада за бугарскиот компромис. Сите овие надежи пропаднаа и сега можноста за предвремени избори, наместо шанса за опозицијата, станува кошмар и за СДСМ и за ДУИ. А и без предвремени избори, додека да им дојде следната шанса, ќе бидеме веќе скоро во 2030ите. Свесни за ова, СДСМ се обидоа во првите неколку дена по изборите да се куражат со приказни како тие веќе го достигнале дното и сега може да одат само нагоре (аха, да), но набргу се откажаа и од тој план и едноставно ја напуштија политичката сцена.
Ова сивило во опозицијата се обидува да го наруши Левица, која долго време го посакуваше колапсот на СДСМ и очекуваше дека ќе успее да профитира од него. Со колапсот на кандидатката на СДСМ во Скопје (што веројатно беше прва најава за формирање на скопска верзија на ЗНАМ), Левица го доби тоа што го посакуваше – шанса да се прогласи за најголема опозициска партија во државата.
Сепак, поправилно е на Левица да се гледа како на уште една фракција што произлезе од СДСМ. Ако имаме регионални фракции (кумановска, струмичка, скопска) кои се во разна фаза на напуштање на СДСМ и осамостојување, Левица е идеолошка фракција. Левица беше со СДСМ во Шарената Револуција. СДСМ и тогаш и сега се крајно дискредитирани, па им беше потребна некаква свежа, младешка, невина сила која ќе послужи да привлече неопределени граѓани, и Левица беа корисните идиоти кои ја добија таа улога. Заев подоцна самиот се фалеше како ги купил и користел за потребите на промената на името, идентитетот и обезличувањето на Македонија. Не само што учествуваа во протестите на оваа од надвор нарачана операција од кои прашање е дали Македонија некогаш ќе се опорави, туку Левица продолжија со инсистирање на сталинистичките пресметувања со опозицијата, со поддршка на политичките процеси против раководството на ВМРО, па дури нивниот лидер Апасиев и лично беше дел од тимот џелати на Заев и Катица Јанева.
Откако беа искористени за Шарената Револуција, од што претпоставувам дека добар дел од нив убаво профитираа, по одредени кадровски промени во партијата Левица побара нова улога за себе, да продолжи да биде корисна на режимот на Заев. Улогата и беше да стане по-национална опозиција од прогонуваното ВМРО. Да има по-екстремни ставови по промената на името (за кое, повторувам, Левица е многу заслужна), нешто што ВМРО не може да го прави бидејќи сепак претендира некогаш да дојде на власт. Левица е ослободена од оваа обврска, па затоа може да ветува многу повеќе отколку што било кој реално може да оствари.
Левица воедно реши да глуми и руска опција во Македонија, што исто така е многу корисно за режимот на Заев – да може да покаже дека во земјата постои геополитичка закана од која единствен спас е да се одржува неговиот режим. Заев упорно се обидуваше на ВМРО да му накалеми наводни про-руски ставови, но Левица на драго срце му обезбедуваше материјал за оваа цел. Во меѓувреме, партијата е во голема мерка заслужна за бојкотот на пописот, со што Македонците формално паднаа под 60 проценти од населението, и се направи огромна услуга на ДУИ.

Левица е протестна партија. И разбирливо е огромен процент од граѓаните да се незадоволни од понижувањата што ги претрпеа во времето на режимот на ДУИСДСМ, па да бараат вентил, да си дадат оддишка. Во времето на Заев, Левица протестираа против промената на името и идентитетот, против отстапките кон Бугарија и против отстапките кон ДУИ. Но, која е логиката да имаш ваква протестна партија во време кога овие главни причини за револт се отстранети. Во изминатите година и половина, Владата на ВМРО држи тврда линија кон Бугарија, а уште потврда линија кон ексцесите на ДУИ и албанскиот национализам. Имајќи предвид колку штета предизвика Заев во тие седум години (со дирекна поддршка на Левица), можеме да кажеме дека во една и пол година се запре трендот на тонење (како што би кажале СДСМ во врска со нивните изборни резултати) и успеаа да се надоместат некои од сериозните дефекти во државата – пред се во поглед на неказнивоста на ДУИ и нејзиното преземање на институциите на државата.
И за што сега се буни Левица, тие бунтовници кои останаа без кауза? Во текот на кампањата ги слушавме како зборуваат за општи работи – системот, капитализамот, богаташите, спомените на транзицијата. Тешко е да ги слушнеме со конкретни предлози, освен козметички решенија како на пример директен пренос на седниците на општинските совети (што мислам дека во голема мерка веќе е воведено) и стеснување на улиците за да се возело побавно (?)
Но затоа видовме конкретни чекори од нивна страна – со кандидатурата на градоначалници во Струга, Тетово и Гостивар, Левица директно му дојде на помош на ДУИ, делејќи го македонскиот глас кој ВМРО со тактичко гласање сакаше да го насочи на начин кој ќе загарантира што е можно поголем пораз на Ахмети и неговата банда. Покрај овој отворен гест на поддршка на ДУИ, замотан во божем патриотска обланда, Левица мораше јавно да биде посрамена за да излезе против кандидатот на ДУИ, а во поддршка на кандидатот на ВМРО во Кичево. Чудно однесување за најпатриотската партија во Македонија, но добро, тие си знаат.
Многу работи ќе се разјаснат во вториот изборен круг. Дали СДСМ и Левица во Карпош ќе го поддржат Стевчо Јакимовски, кандидатот кој јавно го промовираше проектот Алумина на главниот бизнис олигарх на ДУИ. Дали во Аеродром Левица има дисциплинирано партиско членство кое ќе ги насочи гласовите кон кандидатот на СДСМ? Дали, за возврат, во трката за Скопје, СДСМ ќе реши да го поддржи кандидатот на Левица (и покрај најавите на Левица дека нивна се уште актуелна цел е да го ПАСОКизираат СДСМ). Но воопшто не е под знак прашање дека ДУИ ќе ги насочи своите гласови кон Мециновиќ, откако Левица толку многу им учини во првиот круг на изборите.
Сепак, мислам дека премногу свежи ни се спомените од минатиот пат кога дел од нацијата се поведе по шарено спакуван младешки бунт и поддржа вакви бунтовнички политики, за на крај да се најдеме безмалку потстанари во сопствената држава. Поверојатно е дека во следните месеци ќе гледаме како политичката левица се дели на 3-5 групации, секоја со по 30-50 илјади гласови, некои регионални, некои идеолошки. Од нив Левица ќе биде една од погласните, но сепак ќе останат само – бунтовници без кауза.
 
                    
 
                         Македонски
Македонски Цветин Чилиманов
Цветин Чилиманов








