
Ако дадеме еден политички импулс, мислам дека соработката со Грција ќе оди многу нагоре и дека можеме навистина да имаме одлична економска соработка и дефинитивно да станеме најдобри економски партнери во регионот, затоа што го имаме тоа како можност, нагласува заменик – претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА од Атина по средбите со високи претставници на грчката Влада.
Економската соработка, Коридорот 10, брзата пруга, регионалното поврзување беа во фокусот на средбите на министерот со вицепремиерот на Грција Костис Хаѕидакис, со министерот за инфраструктура и транспорт Христос Димас, со алтернативниот министер за инфраструктура и транспорт надлежен за железничкиот сообраќај Константинос Киранакис, како и со менаџментот на пристаништето Пиреа.
За вицепремиерите на двете земји ова беше прва средба со која се истакна важноста и промоција на економската соработка и регионалните инфраструктурни проекти, а на средбата биле потврдени заложбите на двете земји за подобра регионална соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и услугите.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, заменик-претседателот на Владата, Николоски, говори за актуелните проекти со јужниот сосед, но и за потенцијалите и можностите за дополнително продлабочување на економската соработка.
Детално ги анализира придобивките од брзата пруга што од Атина, преку Скопје и Белград ќе стигнува до Будимпешта и Виена, приходите ќе ги зголеми за десет пати, а ќе придонесе и во економијата со поврзувањето на грчките пристаништа со централна Европа.
Дополнително, посочува дека со Коридорот 10-Д од Скопје до Атина патувањето од осум ќе се намали на пет-пет и пол часа.
Министре, прва работна посета на Атина. Имавте низа средби, а фокусот беше на регионалното поврзување и економската соработка. Кои се пораките што ги испративте и кои пораки ги добивте од домаќините?
Ова практично е највисока средба што ја имаме меѓу двете влади. Имав чест да се сретнам со вицепремиерот на Грција, со мојот колега и како двајца вицепремиери разговаравме за соработката меѓу двете држави. Главен фокус ставивме на економијата и на инфраструктурното поврзување, тоа е едно природно поврзување. Поврзување што е определено и од регионот, но и од природата. Голем паневропски коридор поминува низ двете држави, тоа е Коридорот 10, со алтернативата на Коридорот 10-Д и природно е ние да го развиваме тој коридор помеѓу двете држави и во делот на автопатското поврзување, каде што сме доста напред и во делот на железничкото поврзување, каде што сакаме да изградиме брза пруга што ќе оди од Атина преку Солун до Скопје и од Скопје, северно до Белград, Будимпешта и Виена и целосно треба да ја промени структурата на економијата и на бизнисот во целиот овој регион.
Исто така во моментов градиме и гасно поврзување со Грција, интерконекторот. Буквално е прашање на време кога ќе го пуштиме продуктоводот, односно нафтоводот и на цел овој начин ние покажуваме дека можеме да соработуваме што мислам дека има силна рефлексија и врз политичките односи, затоа што кога има добри економски односи се подобруваат и политичките односи.
Постои конкретен временски рок за брзата пругата?
Од наша страна ние планираме да градиме од граница до граница, значи од границата со Србија до границата со Грција. Се надевам дека следната година ќе почнеме со работа и рокот би бил пет години од почетокот на работата, што значи некаде 2031-2032 година би требало да биде завршена. На грчка страна нешто е понапред ситуацијата. Атина-Солун веќе има брза пруга која оди северно од Солун накај Аксиос. Од таму до границата со Македонија, до Гевгелија остануваат 50-ина километри за кои што добив ветување и на двете средби и со министерот за транспорт и со алтернативниот министер за транспорт, одговорен токму за железницата, дека ќе почнат да работат и да градат. Следната година почнуваат и тие, така што на тој начин двете држави ќе се поврзат, а исто така се договоривме и за еден петпартен договор што сакаме да го потпишеме помеѓу Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија за соработка на Коридорот 10 кој што веќе беше спремен и беше готов за потпишување уште минатата година, но поради политичката нестабилност што настана во Србија се одложи и сега повторно го враќаме на мапа и би сакале да го потпишеме и на тој начин да ја имаме и формализирано оваа соработка на петте земји што се на Коридорот 10.
При Вашата посета на Солун пред неколку месеци разговаравте за солунското пристаниште, во Атина се сретнавте со претставници на најголемото атинско пристаниште. Колку во овој дел соработката е важна за нас, за трговијата, за економијата, за транспортот на стоки со оглед на тоа што сме во центарот на регионот?
За нашата економија овие две пристаништа се клучни, тие се природни пристаништа особено солунското пристаниште што е многу блиску до нас и до нашите економски субјекти. Развојот на инфраструктурата, особено на железничката многу ќе ја крене економијата во Македонија и изградбата на брзата пруга, пред сè, ја имаа таа моќ, затоа што очекуваме една голема економска зона да се изгради лево и десно од коридорот по кој ќе поминува брзата пруга, а од друга страна брзата пруга е витална, клучна за јужните европски пристаништа, во случајот двете најголеми грчки пристаништа Пиреа-Атина и Солун, затоа што доколку успеат за два и пол дена да бидат од Пиреа во Будимпешта или Виена тоа целосно ќе го промени бизнисот, тоа ќе значи една целосна промена на филозофијата на бизнис.
Само да ви дадам споредба. Ние во моментов имаме приход на македонските железнички претпријатија, железничка инфраструктура и железница транспорт некаде 12 милиони евра. Предвидувањата на експертите се дека со изградбата на брзата пруга тоа ќе биде 120 милиони евра, значи десет пати нагоре, а ако оди десет пати нагоре тоа ќе значи многу многу повеќе работа и за атинското и солунското пристаниште. На среден рок размислуваме и за соработка со пристаништето во Кавала, со пристаништето во Игуменица на западниот дел на Грција и со пристаништето во Александруполи во источниот дел, така што имаме бројни можности за соработка.
Делот од автопатот што го поврзува Солун со граничниот премин со нашата земја е особено лош, доста често се случуваат сообраќајни несреќи, а и локалното население од околните грчки места го има покренато ова прашање за надградба на патот. Дали разговаравте и на оваа тема?
Во однос на автопатското поврзување, знаете дека целиот Коридор 10 од границата со Србија до границата со Грција на македонска страна е завршен, нормално потребни се одредени поправки, одредена реконструкција, што е нормално во одржување на автопат, што ние редовно го правиме. За следната година имаме еден голем план за голема реконструкција, но точно е дека од границата некаде над Солун немаме автопат, повеќе е експресен пат и добивме заложба дека ќе дадат целосно автопатско поврзување, коешто ќе помогне да се поврзат не само со нас, туку и со останатите држави и тоа им е особено важно за туризмот.
И втората тема што ја разговаравме е Коридорот 10-Д што оди од Скопје преку Градско – Прилеп – Битола – граничниот премин Меџитлија, од другата страна излегува на Лерин и Кожани и се спушта кон Атина. Тоа значи наместо сегашни осум часа патување од Скопје кон Атина, да биде некаде од пет до пет и пол часа. На наша страна ние многу работиме. Веќе го пуштивме експресниот пат пто оди од Градско преку Дреново до Фариш. Сега работиме на проект за Фариш – Прилеп, Прилеп-Битола веќе се гради автопат и следната фаза, проектирањето е готово, обиколница на Битола и поврзување со граница. Од нивна страна веќе има автопат по Лерин, од Лерин до Кожани има експресен пат и веќе надолу пробиваат, поврзување со главниот автопат што ги поврзува Солун и Атина и на тој начин да го отвориме Коридорот 10-Д, што ќе биде алтернатива на Коридорот 10, но и многу побрзо поврзување меѓу Атина и Скопје.
Проектите што ги споменавте се конкретни, разработените проекти за соработка со Грција. Но, постои ли дополнителен потенцијал што не е искористи и може во иднина двете земји како соседни земји да го искористат?
Апсолутно. Мислам дека многу македонски компании веќе гледаат можност за инвестирање во Грција. Тука се инвестициите исто така и во туризмот, доста македонски компании инвестираат во туризмот во Грција. Бројни грчки компании се веќе присутни на македонскиот пазар, а бројни најавуваат нивно присуство. Имаме присуство скоро во сите сектори, а ако дадеме еден ваков политички импулс, мислам дека таа соработка ќе оди многу нагоре и дека може навистина да имаме одлична економска соработка и да станеме најдобри партнери во регионот дефинитивно, затоа што тоа го имаме како можност.